Министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска ќе поднесе оставка до Владата.
Лидерот на ЛДП се повлекува од министерската функција поради лични причини.
Според него, до крајот на неделата се очекува неговата партија, Либерално-демократската партија (ЛДП) да предложи нов кандидат за министер. Тој вели дека се исклучува можноста тоа да биде некој од пратениците.
Претходно во изјава за „Локално“, Милевски информира дека раздор во партијата не е причина за неговото заминување.
-Сите сме во редовна и нормална комуникација. До крајот на годината треба да одржеме редовен конгрес и до тогаш ќе одлучиме сите заедно што е најдобро за партијата. Има доволно време до тогаш да ја донесеме најдобрата одлука, рече тој.
Се уште не е познато кој ќе го замени Милевски во Владата, иако се шпекулира со името на поранешниот градоначалник на Скопје и поранешен лидер на ЛДП, Ристо Пенов.
Пратениците од ЛДП тврдат дека дека раководството на партијата е во секојдневна комуникација.
-Ќе ми биде предизвик да бидам првата жена претседателка на партијата, изјави пратеничката и потпретседателка на ЛДП, Моника Зајкова во разговор за „Локално“.
По одлуката на министерот за локална самоуправа во медиумите се рашири информација дека ќе има и други промени во владиниот кабинет.
Првиот вицепремиер Артан Груби рече дека до него не стигнала информација дека се планира реконструкција на владата.
До овој момент не сум запознаен дека ќе има некаква реконструкција на владата освен оставката на Горан Милевски. Немало разговори во владата за такво нешто. Нема планирани промени, не само во вкадата туку и на директорските места“, изјави Груби.
Оставката на Горан Милевски од позицијата министер за локална самоуправа може да повлече уште најмалку три измени во министерскиот тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски, пишуваа денеска медиумите.