ЛДП потврди дека не се занимава со секојдневните политички пазарења од кои се изморивме изминатиот период, туку сме насочени кон меѓународната политика и да направиме се што е возможно да се деблокираат сите прашања за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, потенцираше претседателот на партијата, Горан Милевски на денешната регионална конференција на АЛДЕ и ЛДП.
Според него, најголеми поборници за влез на Северна Македонија во ЕУ се премиерот на Холандија Марк Руте кој пред неколку денови беше во државата, како и претседателот на Франција Емануел Макрон .
-Тие се дел од европските Либерали, кои се едни од најголемите лидери кои се борат да се решат проблемите на земјава и да се деблокира патот кон ЕУ, рече Милевски.
Тој дополни дека на денешната конференција бил присутен токму секретарот на Руте, пратеници од парламентите на неколку европски држави како што е и Австрија, Словенија, Хрватска и Бугарија, меѓу кои и европратеникот Илхан Ќучук.
-Целото либерално семејство на ЛДП и АЛДЕ се тука и можеби единствени кои во моментот се трудат да и помогнат на државата на патот кон ЕУ. ЕПП и Социјалистите не ги гледаме дека имаат некоја активност на ова поле или за ова прашање во изминатиот период и затоа навистина сме благодарни на нашите партнери кои се тука и со максимална поддршка за Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите, заклучи Милевски.