Милевски: Разрешувањето на Шаќири е непромислен чекор

од Nikola Popovski
318 прегледи

Министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП, Горан Милевски даде поддршка за разрешената директорка на театар Комедија, Нора Шаќири. Тој смета дека одлуката е политички чин.

-Поддршка за Нора Шаќири! Политиката надвор од културата. Многу непромислен чекор, напиша тој на Фејсбук.

Милевски ја коментираше и најавата на дел од вработените од театарот, кои се заканија со бунт со правни и јавни механизми, доколку на местото в.д. директор, од каде е разрешена Нора Шаќири-Марковиќ, биде назначена актерката Магдалена Ризова-Черних.

-Човек само да посака вакви колеги. Не треба да ги познаваш состојбите во Театар Комедија. Доволно е да слушнеш што зборуваат колегите и секому ќе стане јасно каква глупост е направена со разрешувањето на директорката која случајно е сестра на нашиот кандидат за градоначалник. Доволна потврда и сатисфакција за директорката од оваа поддршка нема, потенцира Милевски.

Откако утрово со решение на Министерствто за култура, беше сменета од функцијата, Нора Шаќири попладнево се огласи на социјалните мрежи.

Таа информира дека како „директор повела дисциплинска постапка за вработен кој без никакво образложение, без слободни денови, по завршувањето на колективниот одмор замина на патување и истото го поткрепи со фотографии и за истото се изјасни пред комисијата која го донесе решението за дисциплинска казна дека е виновен и казната ја прифати“.

Вработените во театарот Комедија не го спорат разрешувањето на Шаќири-Марковиќ ако така смета Министерството за култура, но бараат на нејзино место да биде Дарко Спасов, драматург, бидејќи во него имаат доверба.

„Не се согласуваме со разрешување на Нора Шаќири-Марковиќ и назначување на Магдалена Ризова-Черних. Шокирани сме од оваа одлука со која за нов в.д. директор се поставува човек што беше дел од претходната управа којашто беше разрешена поради неправилности во работењето. Можеби е крајно време Инспекторатот за труд да го посети Театар ‘Комедија’. Кога театарот беше на колена, во долгови и без услови за работа, со нарушени меѓучовечки односи, в.д. директорката што сега ја разрешува Министерството успеа да реши дел од овие проблеми и да го врати театарот на вистинскиот пат“, велат вработените во видеото кое го сподели актерот Атанас Атанасовски.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, донесе одлука за престанок на мандатот на в.д. директорката, по добиениот Извештај од Државниот инспекторат за труд.

Слични содржини