Самата блокада не мора да значи и предизвикување на нови избори. Овие блокади ниту се непознати, ниту се иновативни. Веќе се видени и сите завршиле со повлекување на опозицијата од блокадите и нормализирање на работа на Собранието, вели во разговор за „Локално“, лидерот на ЛДП, Горан Милевски во врска со најавената активна блокада на работата на Законодавниот дом од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој вели дека граѓаните ги бираат пратениците за да работат и да решаваат проблеми, а не да блокираат и самите да се креатори на проблемите.
-Времето ќе покаже дека нешто позитивни поени таа блокада нема да им донесе на опозицијата, само ќе ги иритира граѓаните. Но тоа е нивна демократска одлука и проценка, подвлекува лидерот на ЛДП.
Милевски стои на ставот дека изборите се организираат на секои 4 години и така политичките чинители треба да се прилагодуваат со владините политики, планови и проекти.
-Граѓаните даваат доверба на 4 години, а обично на половина од тој мандат преку локалните избори, даваат оценка на задоволството од актуелните политики на власта. Врз основа на тоа, секоја Владата треба да се корегира доколку сака повторно да победи на следните парламентарни избори, а не тоа да биде вовед во предвремени избори. Граѓаните генерално се заморени од избори и очекуваат работа во интерес на државата. Воената ситуација на европскиот континент, економската и енергетска криза се дополнителни причини кои укажуваат дека апсолутно не треба ниту да се помислува на нови избори, смета Милевски.
Б.М.