Милков: Изјавата на Пендаровски не води кон смирување на ситуацијата, за Софија е најважно да се обезбедат еднакви права на Бугарите

од Nikola Popovski
119 прегледи

„Би рекол дека за Бугарија е единствено важно да се обезбедат еднакви права на бугарскиот народ со другите народи во Република Северна Македонија“. Ова денес на брифинг го изјави вршителот на должноста министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков. Тој одговорил на прашање во врска со изјавата на претседателот Стево Пендаровски, кој рече дека е скандалозно барањето на Бугарија да биде дел од процесот на уставни измени.

„Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус кој на кој било начин е различен од оној на кој било од другите уставно признати делови на народите во Република Северна Македонија“, коментирал Милков.

Во врска со почетокот на овој процес, Милков рекол дека ги поздравува напорите на Македонија за исполнување на обврските, кои, според неговите зборови, треба да доведат до практична еднаквост на Бугарите во земјава.

„Успешното завршување на еден ваков процес ќе доведе до издигнување на билатералните односи на квалитативно ново ниво и ќе даде позитивен поттик на напорите на Република Северна Македонија за почеток на преговори за членство во Европската унија“, коментирал Милков.

Тој посочил дека процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на нашата земја.

„Има низа акции кои може да се оквалификуваат како обиди за подигнување на степенот на тензија, со што би се стеснила можноста за мирен дијалог и атмосфера за овие промени“, истакнал Милков.

„Јас лично не мислам дека изјавите од ваков тип водат кон смирување на ситуацијата“, посочил Милков во врска со изјавата на Пендаровски.

Слични содржини