Милошоски: Иванов точно ги лоцираше проблемите со кои се соочува Македонија

од Vladimir Zorba
142 прегледи

Сметаме дека претседателот Ѓорге Иванов сосема точно и прецизно ги лоцираше проблемите со кои се соочи Македонија во текот на 2016 година, како на домашен, така и на меѓународен план, изјави членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на денешната прес-конференција по повод традиционалното новогодишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.

– ВМРО-ДПМНЕ во целост се согласува со ставот на претседателот Иванов дека е недозволиво за политички или за лични цели некој, во недостиг од реална програма, да тргува со националните интереси за своја корист – изјави Милошоски.

Тој истакна дека обраќањето на претседателот било обединувачко и помирувачко што му е неопходно на македонскиот народ, но очекувале и поконкретно да ја посочи одговорноста што треба да претходи на кое било политичко или национално помирување.

– Мора да биде точно лоцирана вината за насилните вандалски протести, за уништување на државен имот, за уништување на културно наследство, за уништување и за деградирање на институции. И затоа треба да се посочи точно одговорноста кој ја злоупотребува политичката позиција за тргување со националните интереси во предизборниот и во постизборниот период – додаде Милошоски.