„Моќникот“ Антонио Милошоски, како што пред две години Специјалното јавно обвинителство го нарече случајот кој го отвори против пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека не се интересирал до каде е случајот. Тој денеска беше на средба со обвинителката Вилма Рускоска на негово барање, за да и го достави адуио материјалот кој тој го нарече „бомба“, а министерката за правда Рената Дескоска му возврати дека се работи за обична петарда.
Случајот „Моќник“ пак, со новиот Закон за Јавно обвинителство ќе падне во рацете на обвинителите од Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција, односно во сегашното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде тој доставуваше аудио запис.
„Немав никаква причина да се интересирам за тоа“, рече кратко Милошоски на новинарско прашање дали се интересирал за неговиот случај.
Милошоски е првоосомничен во случајот „Моќник“, што СЈО го најави во март годинава против вкупно 13 лица, меѓу кои се и неговиот татко и тогашниот градоначалник на општина Македонски Брод, како и поранешниот прв лустратор Томе Аџиев. Според СЈО, тој го навел градоначалникот на Македонски Брод да го изманипулира Советот на општината и на неговиот татко да му продаде објект во селото Ижиште, во кој била сместена општина Пласница.
За продажба на објектот било организирано јавно наддавање, кое градоначалникот не го објавил во Службен весник, и единствено на него се јавил таткото на пратеникот, кој го купил објектот за 670 денари повеќе од почетната цена. Потоа со измама во катастар успеал да го внесе објектот на свое име, а му било продадено и државно земјиште по цена од 100 денари за метар квадратен иако пазарната цена изнесувала 400 денари. На тој начин се стекнал со противправна имотна вредност од милион 795.800 денари, како и милиони 176.000 денари за купување на земјиштето.
Кога градоначалникот на општина Пласница, Исмаил Јајовски, разбрал дека е продаден објектот во кој е сместена општината од Владата побарал да ја испита ситуцијата, и комисија утврдила дека се направени многу пропусти при продажбата и дека општината продала имот што е на државата. Според СЈО, откако бил откриен дека го изманипулирал Советот на општина Македонски Брод за објектот во селото Ижиште, за да му се одмазди на градоначалникот Јајовски, пратеникот Милошоски му праќал инспекции во неговата компанија „Пуцко петрол“, а судијата кој го судел случајот бил лустриран и му било забрането да ја врши дејноста.
А.Т.
Фото: Борче Поповски