Маричиќ и Османи наместо да ја позиционираат Македонија подобро на дипломатски, политички и меѓународен план, тие лобираат меѓународни претставници да дојдат во Македонија да ја убедуваат опозицијата, вели Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во Радио 1 на МРТ..
„Кај Бојан Маричиќ и Бујар Османи гледаме дека како министри, за жал трошат премногу ресурси, наместо да ги подобрат позициите на Македонија на дипломатски, политички и меѓународен план, тие лобираат меѓународни претставници да дојдат во Македонија да ја убедуваат опозицијата, што е добро а што не е добро за Македонија, што сметам дека е нерационално трошење на ресурсите и на надлежностите кои што ги имаат“, вели тој.
На прашањето дали ова всушност не е иницијатива на Европа, Милошоски посочи дека според информациите кои што ги добиле од досегашните меѓународни гости и претставници од страна на владата на СДСМ им било побарано да ја посетат Македонија се со цел да ги убедат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени.
„Ние имаме конкретни информации од досега веќе некои од меѓунарнодните гости кои што не посетија, дека се дојдени на покана на ургенција на актуелната влада која што на прашањето што можеме ние да направиме за вас, за Македонија, и министерот на надворешни и другите претставници го повторувале ставот, па дојдете во Македонија и притискајте ги пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го сменат нивниот став. За жал тоа ни го кажаа колеги од странство“, рече тој.