Минималните трошоци на четиричлено семејство не можат да се покријат со просечно исплатената плата во земјава

од Vladimir Zorba

Минималните трошоци на едно четиричлено семејство, според пресметките на ССМ, во март изнесувале 33.772 денари. Од нив, речиси 42 проценти одат за храна и пијалоци, 32 проценти за подмирување на режиските трошоци, 7,4 проценти за превоз, 7,2 проценти за хигиена и 6,2 проценти за облека и обувки. Останатото е за здравствени услуги и за културни активности.

Согласно пресметките на ССМ, минималните трошоци на едно четиричлено семејство не можат да се покријат со просечно исплатената плата во земјава.

Така, во јануари според објавените податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата изнесувала 28.272 денари, додека вредноста на синдикалната кошничка за истиот месец е 33.650 денари, односно минималните трошоци на едно четиричлено семејство биле повисоки за 5.378 денари од просечната плата.

Сојузот на синдикати на Македонија повеќепати досега бараше зголемување на минималната плата за 60 проценти од просечната, а согласно тоа, да се изврши и скалесто зголемување кај останатите плати. Последното усогласување на минималната плата беше направено во март годинава и од овој месец таа ќе изнесува 15.194 денари.

Синдикатите реагираа на ова усогласување на минималната плата, несогласувајќи се околу реалниот пораст на БДП кој е еден од трите параметри за усогласување.

Слични содржини