Соединетите Американски Држави продолжуваат да го губат својот углед, цел свет ја мрази Америка, а Европа е само американски пион, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу на средбата со турската младина во Истанбул.
„Не постои таков поим како што е Европа. Не ја величајте Европа во вашите глави. Постои Америка, а Европа е воз во американската колона. Нема ништо посебно во тоа“, рекол Сојлу, цитиран од турскиот весник „Ајдинлинк“.
Според министерот, европските лидери постојано се дискредитираат, а населението старее.
„Европејците имаат потешкотии во економијата и ќе продолжат да ги имаат“, рече Сојлу.
Турскиот министер рече дека „Америка продолжува да го губи угледот и дека целиот свет ја мрази“. Тој додаде дека Европа е „американски пион во Африка, а сите африкански земји ги мразат земјите кои ги експлоатираат и се враќаат на нивните локални јазици“.
Сојлу изјави дека „Западот повеќе нема суверенитет“.
„Тие веќе немаат таков суверенитет, но се трудат да ги зачуваат своите навики. Турција ја менува историјата. Изборите ќе бидат избори каде историјата целосно ќе се промени. Ова е причината поради која Америка врши притисок, но и Европа“, рече турскиот министер.
По терористичкиот напад во Истанбул минатата година, Сојлу рече дека Анкара не прифаќа сочувство од Вашингтон.
Претседателските и парламентарните избори во Турција се закажани за 14 мај.