Министерството за финансии потврди: Издадена е еврообврзницата од 450 милиони евра со зголемена камата

од Vladimir Zorba
99 прегледи

Денес Македонија ја издаде еврообврзницата во вредност од 450 милиони евра по купонска каматна стапка од 5.625 % годишно и рочност од 7 години, што се исклучително поволни услови со оглед на сложената политичката ситуација во земјата, соопшти Министерството за финансии.

euros

„Доколку ги немаше злонамерните опструкции и попречувања од страна на опозицијата, со оглед на првично пројавениот огромен интерес од инвеститорите, каматната стапка ќе беше далеку поповолна, односно истата ќе беше дури под 5 % годишно, согласно очекувањата на меѓународните инвестициски аналитичари. Цената за ова неодговорно однесување на опозицијата за жал ќе ја платат сите граѓани на Република Македонија.

Успешното издавање на еврообрзницата е верификација на добро спроведениот процес во исклучително неповолен и тежок политички амбиент. Средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби во фискалните 2016 и 2017 година, како и за отплата на долгови кои доспеваат. Владиниот тим успеа да ги обезбеди неопходните средства значајни за одржување на макроекономската стабилност и развојниот тренд на македонската економија.

Постапката за издавање на еврообврзницата се одвиваше согласно сите законски прописи и истата беше усогласена со Министерството за правда, правните застапници на Владата на РМ и правните застапници на конзорциумот на банки преку кои се издаде еврообврзницата“, стои во соопштението на министерството.

Еврообврзницата повторно беше издадена откако беше одложена минатиот четврток по писмо од Кире Наумов, поранешниот дополнителен заменик министер за финансии од СДСМ.

Посредници за еврообврзницата се истите банки – Ситигруп, Дојче банк, Ерсте група и Сосиете Женерал.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска повторно испрати писмо до банките и светските медиуми во кое потсетува за, како што вели, незаконската постапка за издавање на еврообврзницата.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека еврообврзницата преставува нормален финансиски механизам што се применува во сите европски земји.

Слични содржини