Министерството за животна средина и просторно планирање преку соопштение информира дека ќе даде поддршка и ќе се вклучи во одбележувањето на интернационалниот ден „Со велосипед на работа во зима“, кој ќе се одржи во утре (9 февруари).

„Оваа акција во светот традиционално се организира под мотото ‘Светот вози велосипед со тебе’ и има цел да ги мотивира граѓаните, институциите, фирмите, кафулињата, училиштата и сите оние што велосипедот го препознаваат како пријател на доброто здравје и на животната средина, да го прифатат предизвикот и да се вклучат во акцијата избирајќи го велосипедот како нов современ урбан стил на добро живеење“, стои во соопштението.
Македонија четврти пат се вклучува во одбележувањето на овој светски ден по иницијатива на групата ентузијасти „На точак“. Во одбележувањето на годинешниот настан во светски рамки досега се пријавени повеќе од 11.374 велосипедисти, кои ќе ја испратат пораката дека и во зима може да се вози велосипед.
„Министерството за животна средина и просторно планирање се приклучува кон апелот упатен до велосипедистите од сите градови во Македонија да земат учество во оваа активност, а со тоа да го позиционираат својот град на мапата на светски градови каде што велосипедот и зиме се користи како превозно средство“, се наведува во соопштението од секторот за комуникација на Министерството.
Според информацијата од иницијаторите, од Скопје веќе се регистрирани околу 383 граѓани, а поддршка и најава на учесници пристигнуваат од разни страни. Кафулиња, ресторани, бутици и продавници за велосипеди ги промовираат своите попусти и погодности за велосипедистите што утре ќе пристигнат до нивниот објект на велосипед.