Членовите на Владата според најавите на министерот за здравство Венко Филипче треба да започнат со вакцинација кон крајот на следната недела.
-Сметам дека е добар сигнал, членовите на Владата и јавните личности да се вакцинираат со таа вакцина која ја имаме во најголеми количини, а тоа сега е кинеската вакцина на „Синофарм“, кажа Филипче, во интервјуто за „360 степени“.
Тој смета дека членовите на Владата треба да се вакцинираат после пратениците како дел од критичната инфраструктура.
– Собранието како институција заврши со првата фаза, вкацина добија и вработените во службите, понатаму и пратениците. Целта е сите што се таму да бидат целосно вакцинирани за да може Собранието да функционира, а потоа на ред доаѓа Владата, можеби од следната недела па натаму,рече Филипче.
Со пристигање на вкупно 200.000 вакцини на „Синофарм“, по велигденските празници и официјално ќе започне масовна имунизација на населението. Досега се вакцинирани вкупно 60 000 граѓани, а надлежните најавуваат дека од следната недела дневно ќе се вакцинираат по 10 000 граѓани, без да се создаваат гужви.