Миноски: Прашањето на пензискиот систем и дефицитот во истиот е покомплицирано од тоа дали ќе има линеарно зголемување на пензиите

од Nikola Popovski

Прашањето на пензискиот систем и дефицитот во истиот е покомплицирано од тоа дали ќе има линеарно зголемување на пензиите. Нормално е политичките партии да ветуваат зголемување на пензиите, затоа што постојат категории на пензионери кои што имаат навистина ниски пензии и буквално едвај преживуваат, а секоја најава за зголемување носи зголемен интерес кај гласачите, вели во разговор за „Локално“, поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, коментирајќи го ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ дека доколку дојдат на власт, линеарно ќе ги зголемат пензиите за по 5000 денари. Според партијата, пари ќе се обезбедат со кратење на непродуктивните трошоци.Ова е само еден од проектите кои најголемата опозициска партија ги претстави како дел од предизборната програма „Платформа 1198“.

Според Миноски, со оглед дека Македонија е дефинирана согласно Уставот како социјална држава, мораме да обезбедиме можност за пристоен живот на овие категории на пензионери.

-Според мене неопходни се суштински реформи на досегашниот пензиски систем. Треба да се анализираат ефектите на задолжителното капитално пензиско осигурување и да се види дали тоа обезбедува одржлив пензиски систем и пензии за достоен живот за идните пензионери. Постојат држави што го напуштија тростолбниот систем, посочува поранешниот прв човек во ресорот финансии.

Воедно, додава тој, треба да се направи внимателна анализа и на степенот на ризичност на професиите со цел да соодветно се пресметува бенефициран стаж.

-Имаме многу категории на осигуреници кои што неоправдано користат низа привилегии што ги обезбедува бенефицираниот стаж со што дополнително се оптоварува пензискиот фонд. Неопходна е реформа на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и на останатите институции на социјално осигурување , дигитализација на нивното работење, унапредување на процесите на работа со цел да се елиминираат аномалиите и да се намали дефицитот во Фондот за ПИО, објаснува Миноски.

Во однос на целата „Платформа 1198“, поранешниот функционер оценува дека програмата е конципирана во форма на план на проекти, кои се поделени во пет клучни столба. Преку реализирање на проектите се предвидува да се остварат посакуваните цели односно поголем економски развој и повисок животен стандард.

-Дали тоа ќе се оствари покрај од визијата (во овој случај програмата што беше презентирана како платформа 1198) зависи и од оперативниот капацитет на тие што ќе ги водат институциите, како и од подготвеноста на институциите за работење според принципи на проектен менаџмент и секако од упорноста да се спроведе тоа што е ветено, потенцира Миноски.

Од ВМРО-ДПМНЕ во својата програма најавуваат и економски раст од 5 % што е далеку од проекциите на ММФ или Светска Банка, но и невработеност на 7.5 %, инфлација од 2-2.5 %, дефицит под 3 %… Соговорникот претпоставува дека тие што ја работеле економската програма внимателно ја анализирале состојбата во економијата и општеството, го земале во предвид мислењето на меѓународните финансиски инситуции и поставиле цели кои што се во исто време поттикнувачки и остварливи. Вели дека доколку се има јасна визија, посветена работа, квалитетни тимови и финансиски средства можеби се остварливи овие стапки раст.

-Постојат многу динамични економии во светот што имаат високи стапки на раст на БДП поголеми од 5% , пред се во Азија (Индија, Виетнам, …), меѓутоа и на останатите континенти. Во опкружувањето го имаме примерот на Косово кое во 2021 година имаше стапка на раст од 10,7%, додека во 2022 година стапка на раст од 5,2%. Се разбира за да се оствари ваков раст неопходно е да имаме интензивен инвестициски циклус кој би придонел за зголемување на економската активност и би отворил нови работни места. Неопходни се решенија out of the box (нови иновативни и надвор од вообичаеното решенија), за да направиме диференцијација во однос на останатите земји во опкружувањето (доколку гледаме историски такви примери има во светот Сингапур, Јужна Кореа, итн.), тврди Миноски.

Што се однесува до инфлацијата, додава тој, истата зависи во најголем дел од стапката на инфлација во еврозоната и од монетарната политика на НБРМ која ја следи она на Европската Централна банка.

-Во однос на заложбата за висината на буџетскиот дефицит, сметам дека е добро што имаме ветување во програмата дека дефицитот ќе биде во границите на 3%, нешто што беше практика и во минатото. На тој начин би се придонело и за намалување на задолженоста на државата и висината на јавниот долг. За остварување на овие цели битен фактор е и лидерството и мотивацијата на новата влада и дали таа ќе има доволно знаење, енергија, посветеност и способност тој оптимизам да го пренесе на граѓаните и компаниите, заклучува поранешниот министер за финансии.

Н.П.

Слични содржини