Мираковска: Треба да бидеме брзи, но и внимателни за решение на Законот за јазици

од Aleksandar Todeski

Брзо и внимателно решение за Законот за јазици најави пратеничката Соња Мираковска од НСДП, коалиционен партнер на владејачката СДСМ.

„Треба да бидеме брзи, но и внимателни, да го видиме мислењето на експертската јавност, министерството за правда, судовите. Она што го најави Заев е отварање на прашањето повторно, но не кршење на правата на граѓаните“, рече Мираковска.

Според пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во 2008 година првпат бил донесен Законот за јазици, а во 2011 година се донеле измените за кои актуелната министерка за одбрана Радмила Шекеринска велела дека е лош Закон.

„Дали вие ќе го почитувате Уставот на Република Македонија, дво-третински донесен, кој сега го содржи новото име Република Северна Македонија“, го праша пратеникот Артан Груби од ДУИ неговиот колега Милошоски, кој одговори дека тој како пратеник имал право на слобода на говор, па можел да вика Македонија.

„Законот за јазици се носеше во редовна постапка, не во скратена постапка. Во прво читање ја изгласавме потребата од Законот. Се дебатираше, имаше многу амандмани, но не успеја да се исцрпи дебатата и по три дена ја прекинавме дебатата, тоа е според Деловникот“, рече Груби.

 

Слични содржини