Американскиот производител на автомобили Ford што има големо присуство на кинескиот пазар бара начин да им удоволи на тамошните купувачи по едно многу чудно барање.
Знаеме дека Кинезите обожаваат лимузини, но има една работа што не ја сакаат – мирисот на нов автомобил. Повеќето од нив рекле дека не можат да го поднесат тој мирис, пишува Detroit Free Press.
Според истражувањето што годинава го спроведе J.D. Power, повеќе од 10% од возачите во Кина се пожалиле дека им пречи „мирисот на нов автомобил“.
Од компанијата наведуваат дека „непријатниот мирис во патничката кабина на возилата е еден од најголемите проблеми на кинескиот пазар на автомобили“. Колку за споредба, J.D. Power го споделува податокот дека втора работа на која се жалаат е големата потрошувачка на гориво. На тоа се пожалиле двојно помалку возачи во Кина.
Така наречениот „мирис на нов автомобил“ се појавува поради соединение од органско потекло што се користи во производството на ентериерот на автомобилот, како и како последица на хемикалиите за прицврстување на одредени делови на автомобилот.
Решението е едноставно
За да го реши овој проблем, Ford доби идеја како да се елиминира непосакуваниот мирис за кинеските купувачи. Не станува збор за никаква револуционерна технологија. Напротив, решението е обично изложување на сонце и уште неколку трикови.
Замислата е да се препорача автомобилот да го оставите на сонце со отворени прозорци, вклучен мотор и вклучено греење и вентилација на максимум.
Овој процес ќе го елиминира мирисот што им пречи на Кинезите. Интересно е што според истражувањата, мирисот на нов автомобил воопшто не им пречи на купувачите на Запад – напротив, го обожаваат!
Дали вам ви се допаѓа мирисот на нов автомобил или не?