Миркуловски го игра последниот натпревар за Македонија: „Среќен крај со добра одбрана и помош од 7000 навивачи!“

од Nikola Popovski
281 прегледи

Филип Миркуловски в недела ќе стави точка на својата богата репрезентативна кариера по реванш натпреварот од баражот за СП 2023 против Чешка. Тоа ќе се случи под сводовите на салата „Борис Трајковски“, која впила хектолитри негова пот, малку крв и безброј емоции во претходните 15 години.

– Ова ќе биде мојот последен натпревар во репрезентацијата. Ќе има многу емоции, но ние сме професионалци и така мора да останеме до крај. Се надевам на среќен крај, победа во недела и пласман на Светското првенство, изјави популарниот „Жути“.

Се започнува од нула, иако нашите можеа да донесат огромен капитал од Злин, бидејќи во вториот дел од натпреварот имаа плус седум на своето конто.

– Мислам дека ќе бидеме подобро подготвени за реваншот, бидејќи пред првиот дуел немавме доволно информации како играат со Сабате на клупата. Одигравме добар натпревар во Чешка, испуштивме плус седум, тоа не требаше да се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме дека се квалитетна репрезентација, свесни сме што не очекува во недела, но мислам дека пред 7.000 навивачи во Скопје можеме да ја постигнеме крајната цел, рече Миркуловски.

-Имаше дози на разочарување по мечот во Злин, требаше да победиме, но брзо заборавивме што се случи и се фокусиравме на мислата дека во недела треба да се одигра нов, сосема поинаков натпревар. Ни треба каква било победа, а тоа е ситуација која би ја прифатиле со раширени раце пред почетокот на овој бараж. Сепак, Чешка е добра, ќе биде квалитетна борба, покажаа дека не се предаваат. Потребна ни е многу концентрација за уште еден тежок натпревар, кој верувам дека ќе го добиеме со одбраната, заклучи Миркуловски.

Да потсетиме, резултатот на првиот натпревар беше 24:24 (10:13). Реваншот в недела во Скопје започнува во 19 часот.

Слични содржини