Мишел: ЕУ мора да се подготви за проширување

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија мора да се подготви за проширување, а земјите кандидати мора да ги исполнат критериумите, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во петокот во Гренада, во пресрет на почетокот на неформалниот самит на ЕУ, на кој ќе се расправа за новата европска стратегија.

Мишел рече дека самитот на Европската унија во Гренада е „многу важен бидејќи ќе покрене дискусијата за стратешката агенда на Европската унија“, а дискусијата ќе се води во три насоки.

„Прво – што сакаме во иднина, кои ќе бидат нашите приоритети и заеднички политики, земајќи ги предвид плановите за проширување. Второ – како ќе одлучуваме заедно и трето – како ќе плаќаме за заедничките политики и иницијативи во иднина“, рече претседателот на Европскиот совет.

Црна Гора и Србија водат преговори со години, Северна Македонија и Албанија официјално ги отворија дури минатата година. Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во декември минатата година, половина година по Украина и Молдавија, а тие одлуки беа забрзани со руската инвазија на Украина. Косово и Грузија имаат статус на потенцијален кандидат. Преговорите на Турција со Унијата се блокирани од 2018 година и нема знаци дека тие би можеле да заживеат.

„Проширувањето значи дека земјите кандидати мора да спроведат реформи, тие знаат што треба да направат. А Европската унија мора да се подготви“, нагласи Мишел, пренесува „Хина“.

Слични содржини