Централниот одбор на НСДП за единствен кандидат за претседател на НСДП на Петтиот конгрес на партијата го утврди Горан Мисовски.
Предлогот беше утврден со мнозинство гласови од присутните членови на Централниот одбор, по завршување на дебатата.
Пред настанот, Организацискиот Секретар Кристијан Трајковски изјави дека поднел кандидатура за Претседател на партијата и програма согласно сите услови и рокови предвидени со Правилникот за избор и кандидирање на Претседател на НСДП кој го усвои самиот Централен Одбор.
„Иако сум единствен кој поднесе кандидатура и програма согласно Правилникот, верувам во демократскиот дух на партијата и дека ќе имаме успешни и демократски избори за Претседател на партијата на претстојниот Конгрес на 4 јуни“, посочи Трајковски.
Прашан што доколку денес Централниот одбор сепак донесе одлука да има само еден кандидат, односно Горан Мисовски, Трајковски одговори дека самиот Правилник предвидува кандидатура за Претседател да може да биде пријавена и на самиот Конгрес и дека планира да ја искористи и таа можност.