Водачот на Северна Кореја Ким Џонг-ун може да е повреден за време на лансирањето ракета, што би го објаснило неговото мистериозно отсуство, вели поранешен функционер на владејачката Работничка партија, Ли Џеонг-хо, кој пребегал од Северна Кореја.

Во написот во јужнокорејскиот весник Донг Илбо, Ли напишал дека Ким требало да биде здрав за да одобри ракета за тестирање на 14 април, но дека тој можеби бил повреден во таа прилика.
„Ким не беше во извештаите за тестот и немаше фотографии од ракетни лансирања и обука на борбени авиони, што укажува на можноста за неочекуван инцидент што можел да биде предизвикан од остатоци или пожар“, рече поранешен официјален претставник на Северна Кореја, додавајќи дека тестовите не можеле да се спроведуваат без одобрение од Ким.
Тој ја отфрли можноста Ким да биде „во состојба на вегетација“, откако објавија дека е во критична состојба поради неуспех на операција на срцето, пренесува „Дејли меил“.
Прецизираше дека е малку веројатно дека се точни информации дека Ким бил лекуван во болницата „Монт Мајојанг“, бидејќи неговите лекари биле во Пјонгјанг.
Од минатата недела, светските медиуми објавија дека здравјето на Ким Џонг-ун е нарушено и многумина шпекулираа дали тој е жив.
Во последните неколку дена се појавија информации дека Ким бил на кардиоваскуларна операција и потоа е во „вегетативна состојба“, но тие информации не се официјално потврдени.
На социјалната мрежа „Веибо“ се појави фотографија на Ким во стаклен ковчег, но не е потврдено дали е автентична или е монтирана.
Севернокорејскиот лидер не е виден во јавноста од 11 април, кога одржа состанок на политичкото биро на Централниот комитет на Работничката партија на Кореја.
Се посочува дека не присуствувал на церемонијата на 15 април, по повод одбележувањето на роденденот на неговиот дедо Ким Ил-сунг, основачот на Северна Кореја.