Мистериозна болест кај децата претставува вистинска мистерија за лекарите во Европа и САД. Се карактеризира со чудни симптоми и многу тешко поминување. Некои од децата дале позитивен тест за коронавирус, пишува ДВ.
Симптомите се скоро исти: многу црвен јазик, проширена коронарна артерија, треска, а понекогаш и осип на кожата. Најновите случаи се пријавени во болница во Њујорк. Во последните неколку недели, 25 деца се лекуваат таму, а некои се во критична состојба. Според медицинските лица, болеста е поврзана со „Ковид-19“.
Симптоми кои личат на синдромот „Кавасаки“
Деца со исти симптоми претходно биле пријавени од страна на здравствената служба на Велика Британија. Многумина, но не сите, биле позитивни на инфекција со коронавирус. Шпанија исто така регистрираше десетици слични случаи. Изолирани случаи се случиле и во Германија, Швајцарија и Италија.
За разлика од возрасните пациенти, белите дробови на овие деца не биле засегнати. Некои лекари сугерираат дека ова е „мултисистемски воспалителен синдром“. Д-р Џејмс Шнајдер, раководител на Детското одделение за интензивна нега во Детската болница во Лонг Ајленд, вели дека некои од овие мистериозни болести се многу слични на познатиот „синдром Кавасаки“, кој се јавува претежно кај малите деца и се карактеризира и со воспаление на крвните садови, треска и често со осип на кожата. Д-р Славина Манева од Мадрид, исто така, изјави за ДВ дека десетици случаи на деца со атипични симптоми како што се гастроентеритис, осип, синдром на токсичен шок и синдром „Кавасаки“ се регистрирани во Шпанија во последните неколку недели.
Дури и по првите вакви случаи во Европа, Даниел Кох, кој е одговорен за прашањата за коронавирусот во Швајцарија, рече дека најверојатно станува збор за реакција на имунолошкиот систем како одговор на инфекција со КОВИД-19. „Вирусот предизвикува насилен воспалителен процес – ова е презаситеност на имунолошкиот систем“, рече докторот од Женева, Жак-Андре Роман.
„Повеќето деца го поминуваат лесно Ковид-19“
Постојат извештаи за најмалку два вакви случаи во Германија, според Универзитетската клиника во Дрезден. И СЗО, која исто така го решава проблемот, ги повикува лекарите ширум светот да внимаваат на овие симптоми кај некои деца.
Координаторот за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан, рече: „Ова покажува дека вирусот влијае не само на белите дробови, туку и на другите ткива“. Сепак, тој ги увери загрижените родители со зборовите: „Огромното мнозинство на деца кои се заразуваат со коронавирус ја преживуваат инфекцијата лесно и целосно закрепнуваат“.