Митева: Не би сакале истрагата да се попречи преку повици за дестабилизација и различни сценарија

од Nikola Popovski
114 прегледи

Морам да истакнам дека како Влада будно ја следиме состојбата. Ја споделуваме загриженоста и разочараноста кај граѓаните на нефункционирањето на системот, но во исто време ги вложуваме сите напори тоа да го промениме. Затоа во овој момент апелираме да не се шпекулира со невистини, манипулативни наративи и во ниеден случај не сакаме да се злоупотребува трагичната несреќа во Кочани, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева на денешната прес-конференција откако изминуваат веќе седум дена од тешката трагедија во кочанската дискотека.

Митева потсети дека има опсежна истрага за трагедијата во која се фатени и приведени 34 лица и таа сè уште не е завршена.

-Мора да дозволиме органите на прогонот да си ја завршат истрагата, темелно и правично. Не би сакале да се дозволи попречување од различни мрежи, преку повици за дестабилизација и различни сценарија и било како да наштетат на овој процес. Од ова мора сите да излеземе посилни со испорачана правда, рече меѓу другото портпаролката на Владата.

Граѓанско движење „Кој е следен?“, кое организира собири по трагедијата во Кочани, ги изложи барањата. Оттаму велат дека сите виновни треба да сносат одговорност, зашто земјава не смее да си дозволи уште еден трагичен настан без правна разрешница, и оти системот конечно треба да профункционира како што е пропишано. Движењето бара објавување на целата документација за работењето на клубот пулс, со којашто располагаат Државниот пазарен инспекторат, Министерство за економија, Градежниот и Инспекторатот за урбанизам, МВР, Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување и Управата за јавни приходи.

Протест е најавен за утре 24-ти март на плоштадот „Македонија“ на кого ќе се бара одговорност за трагедијата.

Слични содржини