Митева: Собрани над 28.000 потписи за Силјановска-Давкова за помалку од 12 часа

од Nikola Popovski
314 прегледи

Историски најголем одзив досега, собрани се над 28.000 потписи за помалку од 12часа, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева за собирањето потписи за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.

Според неа, ова е најголемиот доказ и најточниот индикатор за тоа колкава е желбата и надежта на граѓаните за промени за подобра иднина.

-Но, ова за ВМРО-ДПМНЕ пред се е голема одговорност пред секој еден граѓанин. Имаме обврска пред секој еден од вас да ја оправдаме во целост Вашата поддршка! Оваа бројка само ни потврдува дека мораме да останеме посветени на визијата за промени, за промени кои значат чесно и правично владеење, промени кои ќе значат подобар живот за граѓаните дома, промени кои значат враќање на достоинството на граѓаните и државата, порачаа Митева.

Додава дека на Македонија и се потребни темелни реформи, а ВМРО-ДПМНЕ се обврзува дека ќе ја оправда дадената поддршка од граѓаните.

Викендов и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, на конвенција и на конгрес, ги официјализираа кандидатурите на Гордана Силјановска-Давкова и на Стево Пендаровски. Од штабот на СДСМ, пак, ја соопштуваат бројката од 22.000 потписи за кандидатурата на Пендаровски за втор претседателски мандат.

Пред нив потребниот број потписи го собраа Бујар Османи како кандидат на ДУИ, Арбен Таравари, коалиција Вреди, Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Според последниот пресек на Државната изборна комисија, до вчера во 20 часот, Мерсиха Смаиловиќ која е поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз, има 1.411 потписи, Вело Марковски како независен кандидат има 1.402 потписа, Господин Попоски од Вевчани обезбеди поддршка од 109 граѓани, независната кандидатка поддржана од ДЕСНА, Зорица Цветковска собра вкупно 195, независниот кандидат Ѓорѓи Манасков ја доби поддршката од 414 граѓани. Томе Николоски останува со 0 потписи, а самиот објави дека се откажува од трката.

Рокот за собирање на потписите истекува на 8 март на полноќ.

Слични содржини