Се работи за автономна и независна одлука на Стејт департмент која е донесена врз податоци и информации со кои располагаат, вели во изјава за „Локално“, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во врска со одлуката на САД да ги стават на „црна листа“ пораншениот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
– За оваа одлука не би имале што повеќе да додадеме, освен веќе докажаниот факт дека таа црна листа би можела да се прошири со најмалку уште еден поранешен премиер и неговиот брат кои се уште ги црпат привилегиите на власта на СДСМ. Дополнително напоменуваме дека СДСМ е партијата која е во коалиција со две партии чии лидери се на црната листа на САД, ДПА и Обединети за Македонија, велат од најголемата опозициска партија.
Груевски и Мијалков преку социјалните мрежи изразија жалење за одлуката на САД да ги стави на листата на санкционирани лица на кои им забранет влез во земјата, како и на нивните семејства.
„Моите долгогодишни напори проблемот со името да се реши на поинаков начин од оној на кој на крајот се реши, одлуките поврзани со мигрантската криза и затворањето на блаканскиот коридор во 2016 година и неколку други одлуки со кои се обидував да ги заштитам државните и националните интереси на Македонија иритираа некои земји и ми навлекоа многу противници како што на пример беше Џорџ Сорос кој вложи многу напори и финасии за соборување на владата која ја предводев“, напиша Груевски.
За Мијалков одлуката била базирана на конструкции и дезинформации за кои, како што наведе, со време ќе се докажело дека „се неиздржани.“
„Верувам дека правдата ќе победи и дека одлуката на американската администрација ќе биде корегирана“, вели Мијалков.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен објави дека Стејт департментот и Министерството за финансии презеле акција за санкционирање на актерите во Западен Балкан за дестабилизирачки и коруптивни активности.
„САД и партнерите, како што е Обединетото Кралство, бараат одговорност од оние кои ја загрозуваат стабилноста, напредокот и европската интеграција на регионот“, напиша Блинкен на Твитер.
Б.М.