Митреска: Посилната вклученост на младите во бизнисот го зголемува потенцијалот на економијата

од Vladimir Zorba
287 прегледи

„Народната банка особено ги цени, ги вреднува и ги поддржува иницијативите коишто ја поткрепуваат посилната вклученост на младите во целокупното општество. Спојувањето на финансиите и знаењето се важни за поттикнување на младите во бизнисот, искористувањето на нивниот потенцијал и потенцијалот на економијата во целина”, истакна вицегувернерката на Народната банка, Aна Митреска на настан во организација на Европската банка за обнова и развој, на кој се презентираа наоди од процената на пазарот спроведена во рамките на програмата на ЕБОР „Младите во бизнисот”.

Говорејќи за желбите на младите луѓе и фактичката состојба на пазарот на трудот, вицегувернерката Митреска истакна дека невработеноста кај младите во Европа е намалена во последната декада, од 20 % на 11 %, додека, пак, во македонската економија стапката исто така се намалува, но и натаму е значително повисока од таа во ЕУ и изнесува 25%. Таа истакна дека дури 45% од младите според анкетните истражувања на ЕК/ОЕЦД планираат да станат претприемачи по завршувањето на образованието, претпочитајќи да бидат самовработени. Сепак, само 5% од младите активно работат на развивањето бизниси во зародиш (стартап), а според официјалните статистички податоци само 6% од младите во ЕУ се самовработени. Притоа додаде: „Истражувањата укажуваат дека младите се соочуваат со посебни предизвици во пристапот до финансии бидејќи често се случува новите бизниси, вклучително и оние на младите луѓе, да останат надвор од периметарот на традиционалното банкарско финансирање поради недостаток на кредитна историја, недостаток на обезбедување, високи трансакциски трошоци и отсуство на соодветен финансиски инструмент”. Во обраќањето беше укажано дека е потребно вложување и во поддршката за развивање на бизнисот и зголемување на знаењата и вештините на младите лица, како и подобрување на пристапот до пазарите, структурите за институционална поддршка и правните аспекти коишто се исто така особено важни за деловната автономија на младите луѓе.

„Нашата улога како општество е да го премостиме јазот помеѓу желбите и можностите на младото претприемаштво. За таа цел, од посебен интерес за Народната банка е финансиската писменост, бидејќи пристапот до финансии за помладите бара повисоко ниво на финансиска писменост, како основа за посилна финансиска вклученост”, дополни Митреска, појаснувајќи дека со масовното навлегување на дигиталната технологија во светот на финансиите, веќе не е важна само конвенционалната финансиска писменост, туку и дигиталната.

Слични содржини