Митрески: СДСМ има одговорност да овозможи нормална работа на Собранието

од Берта Китинска

СДСМ и парламентарното мнозинство имаат одговорност да овозможат нормална работа на Собранието и неговите работни тела, посочи во своето обраќање на денешната седница, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, осврнувајќи се на точката за составот на Комисијата за избори и именувања.

-Веќе три месеци, на координациите овде во Собранието, сите сме согласни дека тоа што значи парламентарно мнозинство, треба да биде пресликано и во работните тела. И кога веќе честитате, да честитам и јас, среќно ново лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ. Еве што одговарала пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во минатото, кога имало вакви слични ситуации: Ние имаме обврска да обезбедиме нормална работа на Собранието, во остварување на потребите и интересите на граѓаните – тогаш така сте кажале, посочува пратеникот.

Тој вели дека не смее да се дозволи овој орган да биде злоупотребуван за исклучиво партиски потреби.

-Опозицијата секогаш има право, има инструменти предвидени со Деловникот, но мнозинството, како ова денес, секогаш ја има можноста и ја носи одговорноста за донесените одлуки во Собранието, заклучи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Митрески.

Слични содржини