Митрески: Со Законот за здруженија и фондации еднаш засекогаш ќе се стави крај на провокациите

од Берта Китинска

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за политички партии, вели Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Митрески смета дека политичките партии се исто така здруженија, но на повисоко ниво, па оттука ја виделе потребата да ги предложат измените и во Законот за политички партии.

„Овој закон и Законот за здруженија и фондации еднаш засекогаш ќе стават крај на намерните и опасни провокации од лица или групи кои имаат за цел да предизвикаат тензии и поделби во нашето општество. Затоа ги повикуваме сите пратеници од сите пратенички групи да дадат поддршка за овој закон. Бидејќи и политичките партии се здруженија кои по својата цел се на едно повисоко ниво бидејќи излегуваат и ја бараат довербата на граѓаните, еве шанса секоја партија барем на оваа тема да покаже дека стои на зборот и да го поддржи овој закон. Заедно, преку системски решенија да се спротивставиме на појавите кои промовираат и величаат фашизам и национал-социјализам“,побара Митрески на прес-конференција во Собранието.

Предложените измени на Законот за политички партии предвидуваат политичките партии во своите програми, имиња, статути и обележја, да не може да користат или да бидат насочени кон разгорување на национална, расна или верска омраза, етничка нетрпеливост, нетолеранција, геноцид, ширење или промоција на фашизам, нацизам, национал-социјализам или третиот рајх. Како и да не може да се повикуваат на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам или третиот рајх.

Слични содржини