Митревски ќе го замени Џафери на претседателското столче во Собранието

од Nikola Popovski
352 прегледи

Досегашниот координатор на пратеничката група, Јован Митрески ќе биде новиот претседател на Собранието, веднаш штом досегашниот спикер Талат Џафери седне на премиерското столче, како дел од техничката влада. Ова е само еден од заклучоците што вечерва ги донеле во раководството на партијата, а ги соопшти портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

-Извршниот одбор на СДСМ го потврди предлогот на претседателот Ковачевски и кандидат за нов претседател на Собранието го избра Јован Митревски. Тој е долгогодишен пратеник од СДСМ со големо искуство, чесен и вреден и посветен на интересите на граѓаните и државата, докажан во неговиот ангажман, рече Каевски.

Тој исто така информира дека како втор заклучок на ИО на СДСМ е задолжување на генералниот секретар на партијата да спроведе подготовка на Роковник за постапката, начинот и критериумите за избор на кандидат за претседател за претседателските избори, согласно Статутот на партијата.

-Како трет заклучок, за Шеф на Централниот изборен штаб на СДСМ, Извршниот одбор го предложи генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски. СДСМ е подготвена и на изборите оди на двојна победа на претседателските и парламентарните избори. СДСМ ќе го даде победничкиот кандидат за претседател и ќе ја формира идната проевропска Влада, додаде Каевски.

Како четврт заклучок, Претседателот на СДСМ доби овластување за подготвителни разговори и консултации со парламентарните партии за техничка Влада која што е законска обврска.

Ваквите заклучоци се очекува да бидат потврдени на седница на ЦО на партијата која треба да се одржи до крајот на месецов.

Пред два дена ДУИ го предложи Талат Џафери како нов технички премиер во последните 100 денови пред избори. Со тоа, досегашниот спикер на Собранието ќе биде првиот премиер Албанец на земјава.

Слични содржини