Како претседател на владата на Македонија првата работа што ќе ја направам е да се откажам од многу привилегии којшто како премиери ги има, можам и таксативно да ви ги набројам, а во делот од економијата прво што ќе направиме ќе го вратиме рамниот данок. Тоа е она што ќе го направиме првата година, рече претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Журнал“.
Прашан дали размислувал да се намали бројот на вицепремиери и да има еден вицепремиер, тој одговори дека се уште има внатрепартиска деата за тоа прашање.
„Постои внатрепартиска дебата посебно во делот на вицепремиер за економски прашања бидејќи некако таа позиција кумулира голема моќ, а во суштина без никакви одговорности. Најчесто се прават експериментални политики коишто немаат никаков резултат, а на сметка на тоа министерството за економија да добие поголема тежина, па дури одиме до таму во иднина да тоа се подели на две помали министерства: министерство коешто ќе третира прашања од областа на минералните суровини и енергетиката, а другото да биде министерство за трговија, индустрија и раст. Тие две министерства да бидат практично замена на сегашните позиции вицепремиер за економски прашања и министерството за економија“, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.