До вчера власта ни велеше дека ја разбрала пораката, а денес го слушам во едно интервју од Зоран Заев, каде ни вели дека практично изгубил затоа што граѓаните не разбрале за кого да гласаат, па ги помешале бројките на ливчињата. Не знам дали верува во тоа, или тие околу него така го учат, но тоа е брутално потценување на народот. Заев не загуби затоа што народот не ги разбрал бројките, туку затоа што Заев не го разбрал народот, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на митинг во Лисиче.
Оваа власт, нагласи Мицкоски ја чека пораз и ги повика граѓаните да покажат дека промените се можни.
– Не заборавајте дека зад параванот сте сами, вие и вашето неприкосновено право на глас. Излезете и гласајте за новата иднина, која ќе донесе подобри времиња за сите нас заедно, изјави Мицкоски.
Во очите на народот, нагласи Мицкоски, гледа крик дека е доста од поделби, тешки времиња, криминали кои што не се казнуваат, од арогантни политичари и од тоа да не се вреднуваат желбите и потребите на луѓето.
Мицкоски истакна дека фалбите на Заев дека биле најдоброто нема врска со реалноста, затоа што народот е сиромашен, а го очекува и енергетска криза со која оваа власт не може да се справи.