Мицкоски: Ниту размислувам, ниту на памет ми паѓа било каква коалиција со ДУИ

од Milan1

Ниту размислувам, ниту на памет ми паѓа било каква коалиција со ДУИ по изборите наш иден партнер е условно кажано албанската опозиција во Македонија, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во телевизија „АлсатМ“. Мицкоски вети и жестока борба против корупцијата која според него била доста изразена во последниве седум година за време на владеењето на СДСМ.

„На овие избори се покажа дека имаме антивладино расположение и тоа треба да се почитува и мора да се почитува гласот на народот“, кажа Мицкоски.

Мицкоски рече дека ДУИ не може да се однесува дека ова е бинационална држава, и додаде дека ова е држава на сите.  Според него ДУИ веќе врши притисоци на терен.

„Дополнително тоа што го прави на терен ДУИ не е волја на народот, има притисоци, поткупи. Тоа народот не го сака. За ова има сведоштва. Мора да го споменам случајот и со општина Липково во едно избирачко место за каде има и пресуда од Управен суд за неправилности. За што има сомневање за други места, дека тоа се случува и во Гостивар, Тетово. Бројни нерегуларности се поврзани со ДУИ“, истакна Мицкоски.

Тој вети борба против корупцијата.

„Имаме план, корупцијата за жал во Македонија има пандемиски размери. Во овие 6 и половина година достигна такви размери што слободно можам да кажам дека е на ниво на пандемија, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во „Алсат-М“.

„За жал со измените на оној кривичен законик ограничен е просторот за маневар и за барање на кривично дело кое новата владата во рамките на своите истражни капацитети би можело да бара, но без да имаме борба и офанзива против криминалот и корупцијата, нешто што ние го најавуваме а тоа е формирање на антикорупциски фронт нема да можеме да се развиваме нити во ниеден друг сегмент во општеството, нити во економијата, образованието, здравството буквално во ниту еден друг сегмент ако не се удри во чело корупцијата и криминалот и да нема етничка, партиска припадност иако како што кажав во последните 6 и половина години таа е на ниво на пандемија“, вели Мицкоски.

 

Слични содржини