Преговорите за името со Грција, Законот за јазиците и враќањето на опозицијата во Собранието, биле главните теми за кои синоќа во Владата повеќе од два часа разговараа премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
По средбата што се одржа на покана на Заев, Мицкоски во изјава за медумите потврди дека разговарале за повеќе политички теми, меѓу кои и за името, за Законот за јазиците, за составот на ДИК, како и за враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во работата на Парламентот.
Во однос на името, Мицкоски рече дека остануваат на познатите позиции.
– Можам да констатирам дека нема поместување од презентираното на лидерската средба. Јас го повторив нашиот конзистентен став дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, со цел промена на уставното име, а за идентитетските прашања како што се јазикот и нацијата не треба да се разговара, рече Мицкоски.
За Законот за употреба на јазиците, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го повторил ставот на партијата дека тој е неуставен и неприменлив, и оти мора да се испочитуваат Деловникот и законите.
Во врска со комплетирањето на ДИК, Мицкоски рече дека е договорено тоа да биде направено по стариот модел односно претседателот да биде на предлог на опозицијата, а мнозинството членови по предлог на владејачкото мнозинство. Договорено е и до крајот на септември на ниво на работни групи да биде изготвен нов изборен законик, а до тогаш да биде во функција старото решение.
Во однос на враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, истакна дека се уште не се создадени услови за тоа. Очекува да се вклучат во работата на законодавниот дом само како комплетна пратеничка група, и како што наведе тоа би можело да се случи за една до две недели.
– Прашањето е од математичка и политичка природа. Ние не можеме да бидеме комплетни и активни во Собранието, без 12% од пратениците, рече Мицкоски и најави дека меѓупартиските работни групи ќе излезат со конзенсуз за неколку отворени прашања до крајот оваа или наредната недела.