Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од денешниот протест пред Владата нагласи дека оваа власт мора да си замине и најави протести во други градови во државата, но и дека опозициската партија пред Владата ќе протестира секоја среда.
На следните избори, според Мицкоски, опозицијата ќе победи и ќе ја порази власта жестоко и ќе и го покаже местото во историјата обвинувајќи за распродажба на националните интереси и понижувања.
– После сите овие понижувања и омаловажувања што ни ги направивте овие година и половина…Ние ќе застанеме еден до еден сите заедно со сите граѓани без разлика на нација, без разлика на вера против вас и ќе ви го покажеме вашето место во историјата, на темната страна на историјата на следните предвремени или редовни парламентарни избори ќе ве поразиме жестоко, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати повик до своите сопартијци кои, како што кажа, не дошле на денешниот протест да им се придружат.
– Нашиот револт ќе биде изразен демократски, гандиевски, со мирни протести ќе им покажеме како се сака татковината. Нема да фарбаме, нема да кршиме…, рече Мицкоски.
Тој повика на масовност и мобилизација, но и на чесност и принципиелност кај членството за повторно ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт.
– Сега е тоа време, време е за акција. Ова не е битка за ден или за два, ќе трае подолго…Но ќе ви ветам дека сигурно ќе ги победиме и нема алтернатива, дури и оние новите нивни поддржувачи кои што застанаа рамо до рамо со нив од вчера, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.