Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се огласи на социјалните мрежи после прес-конференцијата на премиерот Зоран Заев. Според него, „Заев ништо не разбрал“.
-Зоран Заев само ја повторува истата прес конференција од лани кога исто така лажеше дека ја разбрал пораката, а продолжи да се однесува арогантно и криминално. Jа повтори и прес конференцијата од годината претходно кога истото го велеше, и повторно разочара. Зоран Заев доби и метла со која ништо не измете.
И ќе потсетам дека на овие избори арогантно ни велеа дека се најдобри, a прашањето е кога лажеа, кога го тврдеа тоа цела кампања, или сега кога по трет пат викаат дека ја разбрале пораката?, прашува Мицкоски.
Тој смета дека „Заев не кажа ништо ново освен тоа што повторно зборуваше за минатото, за некаков режим, за истите флоскули во кои никој не му верув“.
-Кога зборува Заев за режим нека си погледне во сопствениот дом, во Куманово, притисоците за гласање во Прилеп, Велес, Сарај, Битола, за односот кон луѓето и нивните гласови како да се негова сопственост. Заев ќе ти кажам дека народот, ние самите сме господари над сопствените судбини и дека никој ја нема нашата волја во џеб за да си поигрува со нејзе. Народот е веќе обединет, но против тебе и се она што ти преставуваш во политиката. Надежта е родена, и таа ќе победи!, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Заев денес информира дека владеачката партија ги слуша луѓето, а не гази врз нив.
-Од понеделникот почнуваме со процес на редефинирање и унапредување на каналите за интеракција со граѓаните. СДСМ слуша и му верува на народот. Од овој момент се менуваме за граѓаните. Го примивме жолтиот картон и барам шанса за земјата и општеството. Барам да се обединиме и сплотиме, за Скопје и државата да не ни се вратат назад. Ќе станеме подостапни за граѓаните, рече претседателот на СДСМ.