Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека земјата ќе ги отвори своите граници за странските туристи на 1 јули, доколку ситуацијата во врска со коронавирусот оди според планот.
„Ќе го отвориме туризмот на 1 јули, ако е исправно и за оние кои сакаат да патуваат и за нашата туристичка индустрија“, рече Мицотакис на онлајн-конференцијата на Бостонската консалтинг група, на која учествувале 500 лидери.
Тој изразил уверување дека правилното управување со пандемијата ќе доведе до побрзо економско закрепнување, пренесува АНА и додал дека програмата за инвестирање ќе продолжи според планираното и повика на поголеми напори за борба против климатските промени.
Овој викенд Грција ќе отвори 515 организирани плажи, што се смета за клучен тест во борбата за започнување на туристичката сезона.
Спортот, музиката и алкохолот ќе бидат забранети на плажите, а според советите на научниците, поради физичката оддалеченост, ќе бидат дозволени само 40 лица на 1.000 квадратни метри.
Предвидени се парични казни од пет до 20.000 евра за непочитување, кои ќе бидат тројно поголеми ако се повтори делото, најави заменик-министерот за безбедност, Никос Хардалиас, додавајќи дека компаниите кои не го почитуваат законот ќе бидат затворени прво на 30, а потоа на 90 дена.
Туризмот се проценува дека учествува со 25 проценти од БДП на Грција.