„Прашањето за изборите треба да бидат формално правни прашања, бидејќи имаме два закони кои се осврнуваат. Тоа е законот за локална самоуправа, кој што строго и дистиктивно кажува дека мандатот на градоначалникот е само 4 години после истекот мора да има нови избори“, вели пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи за емисијата „Жешко политичко лето“, во врска со датумот за одржување на локалните избори.
Според неа, во изборниот законик во член 12, став 4 се зборува дека изборите мораат да бидат закажани не повеќе од 90 дена пред самиот настан и не помалку од 70 дена, а во членот 16, став 1 се вели дека тие треба да бидат во втората половина на октомври.
„Кога станува збор за политичките договори, треба многу внимателно да се постапува кон истите, затоа што секогаш треба да се внимава на законските решенија“, рече Мизрахи и додаде дека преферира да остане во Собранието и да не биде дел од локалните избори.
Премиерот Зоран Заев вчера најави дека ќе бара согласност од партиите за локалните избори да се одржат на 31 октомври, за да се избегнело нивното поклопување со пописот. Ова, практично, би значело одложување на изборите со оглед на тоа што претседателот Талат Џафери, претходно најави дека изборите би требало да се одржат на 17 октомври, според Уставот.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев го пролонгира датумот за локални избори на своја рака и без консултации со другите партии, со надеж дека ќе го ублажи поразот. Пратеникот од опозициската ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски вели дека денот кога треба да се оддржат локалните избори не треба да се определи врз основа на желбите на политичарите, бидејќи тоа е спротивно на Уставот и дека ќе се наруши целиот изборен процес.