Вкупниот број на потврдени со КОВИД-19 од почетокот на епидемијата до вчера се искачи на 4157, а на починати е 193. Во вчерашниот билтен на Министерството за здравство беа евидентирани 103 нови случаи со вирусот од 841 направено тестирање, а пет пациенти починаа. Активни има 2241 случај.
Најголем број од новите случаи (46) се во Скопје. Ново жариште во изминатите пет дена стана Ресен со 19 дијагностицирани лица, а првите потекнуваат од семејна прослава. Министерот за здравство Венко Филипче повторно апелираше дека само со одговорно однесување ќе се намали бројот на заразени, но и за да се намали притисокот врз здравствените институции што ги третираат заболените од вирусот за да може што поскоро да бидат отворени сите болници и клиники за потребите на граѓаните.
Поради бранот на новозаразени во изминатите неколку дена, прекината е редовната програма на хронични интервенции во болниците, се извршуваат само итни и неопходни со примена на сите заштитни мерки.
Без одговорно однесување и почитување на мерките, рече Филипче, и враќање на рестриктивните мерки нема да биде добра опција зашто секое следно нивно попуштање, како што рече, повторно ќе нè соочи со зголемен број заразени, ќе нè враќа на почеток и состојбата нема да може да се нормализира и стабилизира.
-Апелирам до родителите да им укажат на децата и на младите да носат заштитни маски и да не се групираат. Иако поретко заболуваат и најчесто се асимтоматски, тие можат да ја шират инфекцијата. Враќањето кон рестриктивните мерки не е добра опција. Мора сите да се придржуваме до мерките за спречување на ширење на епидемијата, изјави министерот Филипче на вчерашната прес- конференција.