Според анкетата на НДИ, 51,4 отсто од испитаниците сметаат дека СДСМ и коалициските партнери имаат право да ја предводат Владата.

Резултатите од анкетата на американскиот Национално-демократски институт НДИ, спроведена од 17 до 21 март, покажуваат дека граѓаните сакаат институционална разврска на кризата и дека поголемиот процент сметаат дека СДСМ и коалициските партнери имаат право да формираат влада. Од ЕУ, пак, повторно стигнаа пораки претседателот Ѓорге Иванов да го даде мандатот, пишува РСЕ.
Според резултатите 15,6 отсто од испитаниците сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ е најодговорно за моменталната политичка ситуација во Македонија, а 14,7 отсто дека претседателот Иванов е најодговорен.
Формирање на Влада во Собранието од мнозинството пратеници според речиси 33 отсто од испитаниците е излез од моменталната политичка криза, а околу 21 отсто сметаат дека тоа се нови парламентарни избори.
51,4 отсто, пак, сметаат дека СДСМ и коалициските партнери имаат право да ја предводат Владата, а 30,3 дека немаат. Околу 40 отсто од граѓаните сметаат дека формирањето Влада од мнозинството пратеници е легитимно и без претседателот да го додели мандатот, а 34 проценти имаат спротивно мислење.