МНР бара објаснување од Србија за протерувањето и забраната за влез на македонската државјанка Росо

од Nikola Popovski
48 прегледи

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија изразува загриженост поради протерувањето од Република Србија и забраната за влез од една година на македонската државјанка Искра Росо со регулиран престој во државата, која, според наводите на надлежниот орган на Република Србија, претставува „безбедносна закана“.

-Во овој контекст МНРиНТ ќе побара објаснување во поглед на оправданоста на преземените мерки, посебно имајќи го предвид нашето очекување дека истите се во согласност со законските рамки на Република Србија, но и со европските и меѓународни стандарди за човекови права, велат од официјалната македонската дипломатија.

Од МНР очекуваат дека овој случај ќе биде разрешен на соодветен начин, преку дијалог и со присутна добра волја од двете страни, како и во интерес на задржување на континуитетот во градењето на пријателските и добрососедски односи помеѓу двете земји.

Росо во изјава за дел од медиумите истакна дека на 21 јануари годинава за време на нејзиното учество на обука за стратегии за генерирање приходи за непрофитни организации, која се одржала од 20 до 21 јануари во Белград, се соочила со неочекуван инцидент кога по враќањето во хотелот била задржана од полицијата без јасно објаснување. Росо вели дека подоцна дознала дека и била издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци врз основа на Законот за странци.

Росо е извршна директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ. Таа учествувала на едукацијата на Ерсте фондацијата во Белград, а покрај неа биле протерани и хрватските државјани присутни на оваа едукација, Протерана е и една романска државјанка.

Да потсетиме, како што пренесуваат медиумите, пет претставнички на невладините организации од Хрватска кои учествувале на работилници организирани од страна на „Ерсте“ во Белград, поминале добар дел од ноќта во белградската полиција, која на крај ги протерала од Србија, забранувајќи им влез во земјата за една година.

Во решението што им било издадено како причина за депортација наведени се „разлози за заштита на безбедноста на Република Србија и нејзините граѓани“. На оваа одлука на српските власти реагирал, дури и од Давос, хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман. Хрватското Министерство за надворешни работи, „поради односот и третманот на хрватските граѓани во Србија“, ги повика граѓаните да ги одложат сите несуштински патувања во Србија. Хрватска претходно испрати протестна нота до Србија.

Во Србија денеска се одржува генерален штрајк, односно општа граѓанска непослушност. На студентите им се приклучија и вработени во просветата, адвокатурата, во културните институции, медиуми, угостители, претприемачи. Паралелно, претседателот Александар Вучиќ и Српската напредна партија организираат митинг во Јагодина, за формирање Народно движење за пристојна Србија.

Слични содржини