МНР: За ЕП е важно Северна Македонија да биде дел од европското семејство

од Nikola Popovski
283 прегледи

Министерството за надворешни работи го поздравува усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за Република Северна Македонија на денешната пленарна седница во Стразбур. Од таму велат дека охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број на членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ.

-Особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од европското семејство. Почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е силна инвестиција за стабилност, не само за земјите од регионот, туку и за ЕУ, особеново во актуелниот безбедносен контекст во Европа.  Во таа смисла, го поздравуваме повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес, што е во духот и принципите  на пристапниот процес. Парламентот исто така го препознава рефорскиот напредок на земјата и нејзината подготвеност веднаш да ги започне преговорите со ЕУ, стои во соопштението од МНР.

Европскиот парламент усвои два извештаи со кои се повикува Советот на ЕУ да ги започне преговорите за пристап во ЕУ со Северна Македонија и Албанија без одлагање, особено во геостратешки контекст на руската инвазија на Украина.

Извештајот за Северна Македонија ги нотира ризиците од растечката економска и енергетска зависност од Кина и Русија и предупредува дека зависноста од инвестициските заеми финансирани од Кина ја зголемува ранливоста на регионот.

Документот повикува на историско помирување врз основа на заедничка историја, како што е предвидено во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија.

Претходно, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски телефонски разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон, при што двајцата се согласија дека „европскиот блок треба да го исполни ветеното за членство на Западен Балкан“, се вели во соопштението од Кабинетот на македонскиот премиер.

Слични содржини