Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објавува третиот месечен извештај од следењето на медиумските содржини емитувани на Јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии со национална концесија во периодот од 6 февруари до 4 март 2016 година.

korica-facebook

Трендот на известувањето на провладините медиуми во текот на февруари беше идентичен како и во претходните два набљудувани месеци и ги отсликува главните начини на кои владејачката структура ги користи највлијателните телевизии за да ја одржи статус кво ситуацијата во поглед на односите на политичка моќ. Можат да се идентификуваат неколку главни стратегии:

1. Користење на телевизиските вести како политички маркетинг на Владата и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Во вестите некритички се презентира само позитивна слика за работењето на власта. Новинарството ја губи функцијата на чувар на јавниот интерес и неутрален и дистанциран критичар: наместо да го штити интересот на граѓаните тоа се претвора во информативна пропаганда на партијата на власт.

2. Селективно цензурирање на политичкото изразување. Стратегијата на партијата на власт да „дозволи“ извесен пристап на опозицијата до провладините медиуми има за цел да создаде лажна слика за плурализмот и избалансираноста во вестите и во дебатните емисии и пред критичката јавност да го „оправда“ обемното известување за активностите на Груевски, односно неодвојувањето на партијата од државата.

3. Оркестрирана медиумска пресметка со неистомислениците. Продолжува стратегијата на диригирано оркестрирање со уредувачката политика на провладините телевизии, со цел одделни политички актери, институции и организации да се дискредитираат и делегитимираат во јавноста.

Заклучоците и согледувањата изнесени во овој извештај се добиени врз основа на квалитативна анализа на 11 програми на вести и 38 изданија на 11 различни актуелно-информативни емисии на јавниот сервис (МТВ1 и МТВ2) и на 7 приватни телевизии (Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М, 24 вести и ТВ21).

Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на демократијата во Македонија (МОДЕМ)“, кој има за цел да утврди дали медиумите ги почитуваат професионалните стандарди во известувањето за политичките актери утврдени во Кодексот на новинарите на Македонија и во кодексите на меѓународните организации во текот на предизборниот период.

Повеќе информации за МОДЕМ ќе најдете на http://respublica.edu.mk/izvestai-modem

 

Интегрален текст

Слични содржини