МОФ: Протестираме затоа што одбиваме да бидеме избркани од својата држава!

од desk3

 

Ви се обраќаме во текот на криза каква што Македонија досега нема видено. Младите и граѓаните денес се загрозени и нападнати на начин кој не смее никој да го остави рамнодушен. Граѓанските организации се блокирани, напаѓани и етикетирани. Институциите веќе не работат за граѓаните кои ги имаат создадено и кои се основниот извор на нивниот легитимитет. Од сите овие причини, Младински образовен форум од денес протестира!

za-site-1-300x300

Протестираме за сите наши сограѓани во Република Македонија

Протестираме затоа што е бесрамно прекршено уставното право на слободно движење и правото на јавен собир, а граѓаните не смеат да се соберат пред Владата која ги доведе до оваа точка од која нема враќање. Протестираме затоа што безбедноста на барокните фасади е поважна од безбедноста на граѓаните. Протестираме затоа што државата е глува за барањата на својот народ, дури и кога тие се извикуваат со сите можни сили на улиците.

Протестираме затоа што нашите сограѓани се приморани да го бараат излезот надвор од сопствената земја. Протестираме затоа што четвртина од населението на Македонија мораше да си замине во потрага по подобар живот.

Протестираме затоа што сите не сме еднакви пред законот. Протестираме против селективното спроведување на правдата како алатка за замолчување на неистомислениците. Протестираме затоа што границите меѓу извршната и правосудната власт се избришани. Протестираме затоа што државата го смета откривањето на долгогодишната злоупотреба на највисоките државни позиции за поголем криминал од самата злоупотреба. Протестираме затоа што упорно не убедуваат да не им веруваме на своите уши и својот разум.

Протестираме затоа што политиката е одземена од рацете на граѓаните. Протестираме затоа што на граѓанските организации се гледа како на државен непријател. Протестираме затоа што им се затвораат вратите на институциите, затоа што нивните мислења се игнорираат, а нивните активисти етикетираат и осудуваат.

Протестираме затоа што не поделија по сите основи. Протестираме затоа што луѓето се плашат да кажат дека имаат различна сексуална ориентација. Протестираме затоа што вработените во админстрацијата се плашат за својата работа ако излезат на улица.

Протестираме затоа што медиумскиот простор е затруен со омраза и клиентелизам, затоа што на прсти се бројат медиумите кои од петни жили се борат да известуваат објективно. Протестираме затоа што знаеме дека штом ќе излезе ова писмо во јавноста, ќе бидеме пак нападнати, а нашите членови по којзнае кој пат етикетирани. Протестираме затоа што одбиваме да ја премолчиме неправдата!

Протестираме затоа што нашите граѓани се будат во страв, за себе и своите најблиски.

Протестираме и ќе протестираме, бидејќи во сите демократски земји, кога институциите на државата работат против, а не за граѓаните, одговорните лица даваат оставки.

Го поддржуваме секое автентично движење кое ќе застане во одбрана на нашата земја и последните изблици на демократија!

До тој момент, ние ќе протестираме и ќе застануваме заедно со нашите сограѓани!

Протестираме за нашите средношколци и нивните родители

Протестираме затоа што се плашиме за безбедноста и личниот интегритет на нашите средношколци. Преговорите меѓу средношколците и институциите започнаа само по огромни притисоци, откако малолетни деца мораа да пројдат две недели на улица, спиејќи во шатори и губејќи часови, не затоа што сакаа, туку затоа што мораа. Министерството за образование и наука ја стави под знак прашање иднината на илјадници наши деца.

Протестираме поради институциите кои наместо да ги заштитат средношколците се тие кои ги угнетуваат и репресираат. Директори на училишта се закануваат на учениците и наставничкиот кадар со различен број на репресивни мерки. Го напаѓаат уставно загарантираното право на граѓаните да го искажат своето мислење слободно, како и правото на децата да имаат став и да бидат сослушани според Конвенцијата за заштита на правата на детето. На учениците кои учествуваат во преговорите им се кажува дека надлежните „знаат кој ги праќа”, а пак против оние што протестираат се води кампања за нивна лична дисквалидфикација.

Протестираме затоа што средношколците никогаш не беа консултирани за нивното образование. Протестираме затоа што политиките во средното образование се нерационални и погрешни. При нивната подготовка не беа земени предвид ничии ставови – наставниците, стручните лица, ниту граѓанските организации. Поради ова Македонија ќе изгуби генерации на интелигентни, креативни млади, кои се моторот на развој на секоја нормална држава.

МОН заборави на средношколците. Заборави на нивната иднина, оцени, часови, политики. Ги остави сами во целокупната државна криза, на дожд и трева, каде гладни, уморни и неслушнати го даваат својот отпор кон лошите политики и насилните институции, изложени на временски непогоди и исплашени за својата безбедност.

Нема изговор кој може да го оправда ова однесување. Од оваа репресија страдаат нашите деца, родителите, наставниците.

Протестираме за нашите студенти и нашите наставници и професори

Протестираме против притисоците кои професорите и наставниците ги добиваат од своите претпоставени и институциите. Протестираме затоа што им се ограничува правото на штрајк. Протестираме затоа што нивното организирање се претвора во игра на поделби и отуѓување на нивниот синдикат.

Гласот на студентот во Македонија со години се игнорира, а студентскиот активизам пробува да се задуши и контролира преку монополизирани организации. Протестираме затоа последниве месеци студентите беа омаловажени повеќе од било кога.

Протестираме поради тоа што студенти беа тепани, апсени и напаѓани во читални. Протестираме затоа што се таргетираа членови на Студентскиот Пленум. Протестираме затоа што, во моментот на пишување на ова писмо, осум студенти се во притвор за наводно учество во насилништво. На овие студентите не им е дозволен контакт и се изолиран. Дури и да постојат сомнежи дека извршиле криминални дејствија, студентите требаше да бидат испратени на домашен притвор. Студентите се во притвор во истиот затвор во кој моментално се наоѓаат лица кои се товарат за терористички напад и чие апсење резултираше со осум полициски жртви и повеќе од 30 ранети. Дали треба да веруваме дека студентите, за институциите на државата, се исто толку опасни како и наводните терористи?

Протестираме затоа што не можеме да останеме неми на грубиот напад на автономијата на Универзитетите. Протестираме затоа што државата сака да го контролира високото образование и наместо потрага по вистината, високото образование да трага по поткрепа на политиките на власта. Протестираме затоа што партиската припадност е поважна од стручноста и академскиот потенцијал. Протестираме затоа што бројот на реформите е поважен од ефектите што тие ги имаат.

Протестираме за сите млади кои веќе на ја гледаат својата иднина во Македонија

Протестираме за неуспехот на оваа држава да обезбеди вработување за половина од својата младина. Протестираме затоа што младите се притиснати да вадат партиски книшки за да си го обезбедат лебот. Протестираме затоа што бројот на партиски плакати кои си ги залепил е поважен од бројот на високи оценки кои си ги заслужил. Протестираме затоа што младите кои работат во државните институции се присилени да бираат меѓу слободата на изразување и работното место. Протестираме затоа што младите кои сакаат да отворат свој бизнис мораат да живеат во константен страв од нарачани инспекции и државен рекет.

Протестираме затоа што секој втор средношколец и речиси секој студент би сакал да си замине од Македонија засекогаш. Протестираме затоа што нашите врсници веќе го направија тоа, затоа што не сакаат да живеат во држава која работи против нивните интереси.

Протестираме затоа што одбиваме да бидеме избркани од својата држава!

Интегрален текст од соопштение на Младински образовен форум

Слични содржини