„МојДДВ“: Исплатен поврат кај 16.600 граѓани

од Vladimir Zorba
376 прегледи

Управата за јавни приходи (УЈП) започна со исплата на парични средства согласно Законот за враќање на дел од ДДВ кај физичките лица. Повратот од 15 отсто од ДДВ на трансакциските сметки на граѓаните кои се корисници на апликацијата МојДДВ, велат од УЈП, се префрла на сметките на граѓаните за првото тримесечје, односно за месеците јули, август и септември.

– Досега е исплатен поврат кај 16.600 граѓани, а до крајот на наредната недела повратот ќе биде извршен кај сите граѓани кои ги скенирале фискалните сметки во првото тримесечје преку апликацијата МојДДВ, киоск апаратите и бар-код читачите во организационите единици на Управата за јавни приходи, соопшти УЈП.

Во првиот квартал од МојДДВ, се додава во соопштението, скенирани се 22.670.713 фискални сметки, остварен е вкупен промет во износ од 11.423.978.620 денари, со пресметан вкупен ДДВ во износ од 1.241.434.628 денари. Повратот од 15 отсто е во висина од 186.215.194 денари.

Од УЈП најавуваат дека ќе излезат со подетални информации по заокружувањето на целата исплата кај сите корисници на МојДДВ кои ги исполниле условите за поврат на 15 отсто од ДДВ.

Слични содржини