Пратеничката и генерална секретарка на Левица, Јована Мојсоска во интервју за „Локално“ изјави дека одлуката на нејзината партија да продолжи да делува опозициски се покажа како целосно исправна, затоа што, според неа, емпириски ако ја разгледувате политичката историја на Македонија, кога партија со 5,6 па и 7 пратеници се приклучува кон вакво „комотно“ мнозинство (како што е ДПМНЕ со 58 пратеници), таа целосно се поклопува од страна на доминантната партија, како што беше во минатото случајот со НСДП.
За досегашното владеење на владината коалиција, Мојсоска истакнува дека „единствено е што видовме е како партиската припадност повторно ја победува стручноста што е рак-рана на македонското општество и чии последици се далекуопсежни“.
-Очигледно во македонската политичка историја се потврдува познатата теза на Карлс Маркс: – „Историјата се повторува, еднаш како трагедија, другпат како фарса.” Бегството на Груби е едно лошо смислено сценарио, па ако сакате, дури и инцидентот се “згаснати камери” на граничниот премин се повторува како при бегството на поранешниот премиер Груевски. И сега, како и при бегството на Груевски, мистериозно прекинале да работат камерите на граничниот премин, ни рече пратеничката запрашана колку бегството на екс-вицепремиерот покажа дека ништо не се менува во делувањето на политичките елити во двата политички блока.
Мојсоска потенцира дека Левица се залага и се бори за вреднување на најквалитетните умови, затоа што со наградување на медиокритетите добивме држава со руинирано здравство, образование, судство, држава со руиниран систем.
-Мора веднаш да се пристапи кон укинување на дискреционото право на директорите при избор на конкурси за вработување, за да не се повторува праксата кандидати кои се десетти на листа да бидат вработени пред најдобро ранграниот кандидат. Во нашата програма предвидуваме и мерка за директно вработување на најдобрите студенти во државните институции, со цел да се спречи апокалиптичниот одлив на мозоци со кој се соочува Македонија моментално, објаснува соговорничката.
Како што повтори Мојсоска, Левица останува на својот претходно јасен став за уставни измени, било и да се со одложено дејство, односно дека „патот до Брисел не може и не смее да води преку Софија“.
Како ја оценувате 2024-та година за Левица на политички план? Изборите беа и повеќе од успешни за вас, но на крајот се решивте за опозициско делување иако имавте покана од власта. Зошто на крајот се решивте за таков епилог?
-Да ве корегирам веднаш, затоа што тоа е еден наметнат наратив од актуелната власт – немавме никаква покана за учество во власта од страна на ДПМНЕ. Имаше само еден паушален повик за ненапаѓање искажан на митинг од страна на Христијан Мицкоски, што секако не може да се толкува како повик за учество на власт. Впрочем, нашето искуство и од советите (а и сега од Парламентот) е дека на ДПМНЕ му е полесно да преговара со ДУИ или со дериватите на СДС, отколку со Левица – затоа што со нас нема непринципиелни преговори. За пример ќе ги наведам советите во општина Велес и Охрид, каде мнозинството го сочинуваат советниците на ДПМНЕ заедно со ДУИ. Исто така, во изминатиот период видовме како во два наврати ДПМНЕ изгласа два системски закони (за реорганизација на министерствата и за в.д. градоначалници) токму со ДУИ. Се поставува прашањето, какви концесии сега има премиерот Мицкоски кон ДУИ, па можеби и “бегството” на Груби било дел од тие преговори. Дури и при изборот на претседателот на Собранието, Левица со отворен повик до Мицкоски се понуди заедно да се изгласа друг претседател на Собрание, затоа што со изборот на Гаши се повторува анти-македонската пракса на СДС, а резултатот на тоа е моментално во светот да нема законодавен дом каде се говори на македонски јазик.
Сметам дека одлуката на Левица да продолжи да делува опозициски се покажа како целосно исправна, затоа што емпириски ако ја разгледувате политичката историја на Македонија, кога партија со 5,6 па и 7 пратеници се приклучува кон вакво “комотно” мнозинство (како што е ДПМНЕ со 58 пратеници), таа целосно се поклопува од страна на доминантната партија, како што беше во минатото случајот со НСДП. Истото го сведочиме и сега со дериватот на СДС, ЗНАМ, кои целосно се изгубени во своето парламентарно делување и во 7 месеци власт, немаат поднесено ниту едно законско решение во Собранието – освен предлогот за трет директор во Царина, од чисто лукративни причини, закон кој Левица успешно го блокираше!
Политичката визија на Левица е долгорочна – иако нашиот пат некогаш делува потежок и пострмен – нашата следна цел е Левица преку двоцифрен број на пратеници да биде релевантен партнер во власта во иднина, наместо да заврши како уште една пајтон партија на политичката сцена, преклопена од двете големи партии. Во овој мандат, кога Левица е единствена опозиција во Собранието, со 6 пратеници ќе ги разобличиме сите матни зделки и непринципиелни договори на актуелното владејачко мнозинство и верувам дека граѓаните ќе ја препознаат автентичноста и непоткупливоста на пратеничката група на Левица – наспроти сите естаблишментски партии во Парламентот.
Почна ли новата преродба со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, како што вели Мицкоски, гледате ли некаков ран знак за тоа? Во секое соопштение на владините апологети слушаме за „историски достигнувања“ во економијата, на полето на корупцијата, во борбата со криминалот…
-Јас не очекувам сериозни и радикални промени од истите партии кои 30 години ги создаваат аномалиите на системот врз кои тие егзистираат. Или народски кажано, не може да си ја пресечат гранката врз која седат. Факт е дека и ДПМНЕ и СДС се партии чиј легитимитет единствено извира врз партиски вработувања (па затоа слушаме дека иако е преобемна администрацијата постојано има нови огласи за вработуавања); легитимитет кој единствено извира од непотизам и тендер-зделки за милионски провизии со крупниот капитал како нивни долгорочни финансиери. Дури и за овој период од само 7 месеци, јавноста речиси секој ден сведочеше скандали, до ниво да имаме спикер на Собрание кој има повеќе скандали отколку што има пратеници.
Единствено е што видовме е како партиската припадност повторно ја победува стручноста, што е рак-рана на македонското општество и чии последици се далекуопсежни. Бевме сведоци на скандалот како студент на генерација беше дисквалификуван за баџанакот на министерот Тошковски да стане доцент на Факултетот за безбедност, или како истакнат партиски соработник на Изет Меџити стана член на Советот на јавни обвинители со скромно адвокатско искуство, во духот на правната недореченост во нашите закони -„истакнат правник“. Ќе потсетам дека единствено Левица уште во минатиот парламентарен состав поднесе предлог-закон за дефинирање на флоскулата „истакнат правник“ која секојдневно се злоупотребува за во правосудниот систем да се инсталираат партиски подобни кадри. Нормално, минатата власт го одби овој закон, додека пак, ако оваа влада предводена од Мицкоски имаше сериозна политичка волја за промени во очајната состојба со правосудството, веднаш ќе иницираше законски измени во оваа насока – но, во таков случај, немаше да можат да постават за член на Судскиот Совет жена на градоначалникот на Радовиш токму од ДПМНЕ.
Колку бегството на Груби покажа дека ништо не се менува во делувањето на политичките елити во двата блока (македонскиот и албанскиот) кога треба да се спаси некој „свој“? Држи ли вода тврдењето на Тошковски дека не е тој крив, и треба ли целата вина да падне на еден полицаец?
-Очигледно во македонската политичка историја се потврдува познатата теза на Карлс Маркс: „Историјата се повторува, еднаш како трагедија, другпат како фарса“. Бегството на Груби е едно лошо смислено сценарио, па ако сакате, дури и инцидентот се „згаснати камери“ на граничниот премин се повторува како при бегството на поранешниот премиер Груевски. И сега, како и при бегството на Груевски, мистериозно прекинале да работат камерите на граничниот премин. За жал, во три децении ниту еднаш не сме посведочеле висок функционер не само кривично да одговора, туку да биде и конфискуван неговиот имот. Во целиот случај со Груби, сомнителен е и моментот дека “кртот” во полициската акција бил токму синот на поранешниот заменик министер на МВР, односно Назим Буши. Мене лично ми е нејасно како син на поранешен заменик-министер може да има повеќе информации од самиот заменик-министер?
Јас ќе потсетам дека Груби не е единствениот кој не е достапен за органите на прогонот, истиот случај е и со поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски. Иако токму ДПМНЕ во минатото го обвинуваше Ковачевски за милионски грабежи во РЕК Битола, во актуелниот случај Ковачевски не е ни првоосомничен и за него дури после 20 дена се распиша потерница, откако ОЈО ГОКК врачи жалба на првичната одлука на судот за неиздавање потерница. Ако на сето ова се додадат и измените на Кривичниот законик кои ги донесоа СДС и ДУИ, а од кои најголем бенефит добија ДПМНЕ (застареа кривични дела на десеттина функционери од ДПМНЕ) – се чини дека кога е во прашање колективната амнестија на криминалите, кај досегашните партии на власт секогаш има консензус.
Предвидувањата на Светска банка и ММФ за македонската економија не се розови, но спротивно на тоа гледа новата министерка за финансии и премиерот. Каде ги гледате најголемите слабости на економската политика на владата?
-Очигледно е дека оваа десничарска влада (освен во кусогледост и теснопартиски интерес) е заглавена и во концесии кон олигархијата, поради што веќе сведочиме најави за типично анти-работнички мерки, како укинување на мерката „недела неработен ден”. Додека глобалните трендови отвораат дискусии за воведување на шестчасовно работно време, во нашиот брутален неолиберализам слушаме како милионери кои се на светските листи по богатство шират наративи дека македонскиот работник е нископродуктивен, па не можеме да дискутираме за зголемување на минималната плата?! Иронично е да се слуша како газди со милионски профити говорат за ниска продуктивност, што е во директна контрадикција со нивното акумулирано богатство.
За кусогледоста на актуелната десничарска влада би го зела за пример унгарскиот кредит, кој ќе заврши за асфалтирање улици и детски игралишта, наместо со парите (кои ќе ги враќаат идните генерации) да се изгради стратешки важниот проект „Чебрен и Галиште”. За слабоста на македонската економија говори што Владата зема кредити за паркови и канализации, додека токму ДПМНЕ имаа 3 години градоначалници за да ги спроведат овие основни проекти. Но, тука се гледа кусогледоста и опортунизмот на оваа влада, која е свесна дека започнување на изградба на хидроелектраната Чебрен нема на краток рок да донесе политички поени – и токму ова е проблемот на секоја влада досега, што крупните капитални проекти може да го надминат и мандатот на една влада. Односно, владата која го започнала капиталниот проект, кој може да трае и 10 години, да не ги ожнее плодовите (политички) од оваа инвестиција. И затоа во пресрет на локалните избори, поради невизионесрство и кусогледост, ќе се истурат пари од кредит за улици и паркови, наместо да се започне изградба на еден стратетешки проект кој Македонија може да ја позиционира како главен извозник на струја, во услови кога енергијата станува најскап ресурс.
Новогодишната кошничка испадна дебакл, владата „немоќна“ пред маркетите, граѓаните повторно се го „добија своето“. Зошто владата се прави ненадлежна за дивеењето на маркетите во однос на цените?
-Морам да разјаснам дека новогодишната кошничка воопшто не беше мерка на владата, туку беше иницијатива на газдите на маркетите, очигледно иницијатива за нивно богатење врз грбот на граѓаните. Сведочевме како нагло се зголемуваа цените на производите во маркетите пред воведувањето на кошничката, како што впрочем беше и со мерката на владата со есенската потрошувачка кошничка, за последните статистики да покажат дека резултатот од оваа мерка е цели 57 денари заштеда!
За аздисаноста и алчноста на газдите на маркетите самата потврда дојде од најновата листа на најбогати лица во регионот, каде се наоѓа токму и сопственик на синџир маркети од Македонија. Тука се гледа десничарската идеологија на оваа влада, која буџетот единствено го полни од ДДВ и од џебот на граѓаните, додека глуми ненадлежна за оданочување на профитите на супербогатите. Но, ако се има во предвид дека оваа влада важи за една од најбогатите влади досега, со министри-бизнисмени милионери, не можеме да го игнорираме фактот дека станува прашање за бранење на интересот од класата кога доаѓа. Односно, не можеме да очекуваме влада составена од бизнисмени, кои цел живот се богателе врз грбот на работниците, да го брани интересот на мнозинството работници, кој нужно е во контрадикција со интересот на крупниот капитал. Впрочем, ние за прв пат имаме премиер кој во својата биографија пред пратениците намерно ги изоставил фирмите каде имал удел во минатото, под изговор дека веќе не поседува акции. Како јавноста да следи евентуален судир на интерес со поранешни фирми на Претседателот на владата, или воопшто, како да имаме претстава чиј интерес го застапува оној кој тврди дека тргувал со светскиот крем во енергетскиот бизнис?!
Македонија стана фабрика за работна сила за европските земји – од работници во Мекдоналдс до висококвалификувани работници во познати компании. Што би направиле вие, доколку би зависело од вас, за да го спречите ова и да остануваат младите дома?
-Ќе се навратам на она што го наведов погоре, а тоа е дека партизираноста и некомпетентноста е рак-рана на македонското општество. Се додека баџанаци на министри се избираат пред студенти на генерација, нашите најдобри умови ќе ги градат иднините во други држави. Она што ги брка младите умови од тука е тоа што не гледаат перспектива, ниту интерес кај владејачкиот естаблишмент, нивниот потенцијал и капацитет да биде искористен од македонската држава, туку напротив – нивните работни места ги преземаат “лепачи” на партиски плакати и роднини на функционери. Левица се залага и се бори за вреднување на најквалитетните умови, затоа што со наградување на медиокритетите добивме држава со руинирано здравство, образование, судство, држава со руиниран систем. Мора веднаш да се пристапи кон укинување на дискреционото право на директорите при избор на конкурси за вработување, за да не се повторува праксата кандидати кои се десетти на листа да бидат вработени пред најдобро ранграниот кандидат. Во нашата програма предвидуваме и мерка за директно вработување на најдобрите студенти во државните институции, со цел да се спречи апокалиптичниот одлив на мозоци со кој се соочува Македонија моментално.
Но, за ова да се спроведе, потребна е радикална трансформација на македонското општество, каде партиите нема да бидат единствено биро за вработувања, а нивната изборна победа да зависи од тоа колку предизборни вработувања ветиле. Се додека сме заглавени во ниска политичка култура, каде наместо за програми и идеологија, се гласа за работно место, уште долго ќе ги чувствуваме последиците на купените дипломи на сметка на одливот на кадри.
Геополитичките случувања се неодминлива тема. Трамп доаѓа на власт, Украина се чни ја губи војната, а во соседството (Косово) ѕвечка оружје, додека на Вучиќ му се тресе тлото под земја. Каде е Македонија во сите овие превирања, и како според вас треба да се поставиме како држава од 20 јануари?
-Геополитичките случувања на глобално и регионално ниво несомнено имаат влијание врз Македонија, но нашата позиција како држава мора да биде водена исклучиво од националните интереси на македонскиот народ и сите граѓани. Како партија, Левица верува дека Македонија треба да води независна, суверена и неутрална политика, насочена кон зачувување на државниот интегритет, стабилност и мир.
Во контекст на најавениот камбек на Доналд Трамп, евентуалните промени во американската надворешна политика можат да го променат односот на глобалните сили кон конфликтот во Украина, но и кон Балканот. Ако дојде до завршување на војната во Украина, ќе се потврди тезата на Левица дека непотребно се вовлековме во овој конфликт. Веројатно ќе се отворат нови можности за соработка, но Македонија треба да пристапи кон овие случувања внимателно, водејќи сметка за сопствената безбедност и економска стабилност, што не беше случај до сега. Ги поздравуваме сите иницијативи кои имаат за цел мирно решавање на конфликтите, бидејќи само преку дијалог и компромис може да се постигне долгорочна стабилност како во Европа, така и на Балканот.
Пред 20 јануари, но и по него, нашата земја треба да се постави како конструктивен и принципиелен фактор во регионот, кој ќе соработува со сите, но нема да дозволи да биде инструментализиран од интересите на поединечни големи сили. Левица верува дека приоритет треба да бидат економскиот развој, зајакнувањето на институциите и зачувувањето на националниот идентитет. Само со цврста внатрешна политика и независно надворешно позиционирање, Македонија може да ги преживее овие геополитички турбуленции.
Како партија, ги поздравуваме сите напори за мир и дијалог, но остануваме на ставот дека единствено што треба да нè интересира е доброто на Македонија и нејзините граѓани. Интересите на државата мора секогаш да бидат на прво место, без разлика на притисоците однадвор.
Ја поддржувате ли политиката на актуелната власт за внесување на Бугарите во Уставот со одложено дејство, со цел влез во ЕУ?
-Апсолутно не, впрочем Левица е единствена парламентарна партија со јасен став – против Бугари во Устав под било какви услови. Нашиот став е јасен – патот до Брисел не може и не смее да води преку Софија. Македонското општество мора отворено да почне да говори за феноменот на интеграцијата на Македонија во Европската унија – а тоа е дека со секој наш исчекор, постепено се губеше самобитноста на македонската нација. Почнувајќи од Лисабонската декларација, преку Рамковниот договор и територијалната поделба, па нелегитимниот Преспански договор – ние денес сме во состојба на длабоко поделена држава по дејтонски нефункционален систем, каде унитарноста е само на хартија, додека паралелни институции никнуваат во образованието, општините, болниците, па сега гледаме дури и паралелна таканаречена албанска академија.
Според ваше лично мислење, треба ли реформа на самата Унија па потоа да се обидеме да најдеме некој заеднички влез а до тогаш да ги следиме работите од страна? Може ли државата да си го дозволи тоа?
-Во однос на нашата поставеност, главно правило во дипломатијата на секоја држава е постоењето на национален консензус помеѓу политичките чинители. Колку е посилен консензусот, толку е посилна дипломатијата на една држава. Додека во бугарското Собрание сведочиме едногласно усвоена Декларација со која се негира самобитноста на македонската нација, во нашиот контекст се гледа како таканаречените партии на албанскиот блок секогаш се во служба на интересите на странските интереси за демонтирање на македонската држава. Можете само да претпоставите колку е посилна позицијата на Грција при Преспанскиот договор или на Бугарија при таканаречениот француски предлог, знаејќи дека секогаш имаат четвртина пратеници во македонското собрание подготвени да ги гласаат сите позиции кои ги рушат конститутивните елементи на македонската држава. Ние сме во ситуација кога 20 до 30 пратеници во законодавниот дом (од албанскиот политички блок) секогаш да се подготвени да гласаат за промени на Уставот. Оваа ситуација оди до степен да при гласањето за францускиот предлог во Собранието, повеќе пратеници немакедонци гласаа ЗА отколку пратеници Македонци. И тука морам да констатирам дека се додека не изникне граѓанска опција во албанскиот политички блок, со силен сентимент на лојалност кон Република Македонија, овие ретроградни партии секогаш ќе ги рушат позициите на македонската држава, како дел од нивната доктрина која почива врз необалистичка идеологија.
Заклучокот е, дека на патот кон ЕУ, македонската држава која почива врз АСНОМ и народно-ослободителната борба, е под директен напад на здружените сили на необализмот и неоврховизмот, како во времето на Втората светска војна. И потребни се нови генерации на политичари, со силен државнички менталитет, кои можат да ги антиципираат геополитичките промени и мудро да се позиционираат во новиот светски поредок, како што направила авангардата при конститурањето на македонската држава, изникната од големата победа против фашизмот.
2025-та е изборна година. Како ќе делува Левица, ќе видиме ли пресликани резултати од парламентарните на локалните избори?
-2025-та е голема година за политичката сцена во Македонија, а Левица ќе има централна улога во обликувањето на политичките текови до локалните избори. Како што покажуваат досегашните резултати, Левица успеа да се наметне како клучна политичка сила во Македонија, со јасна идеолошка позиција и директна комуникација со граѓаните. Во контекст на изборната година, партијата ќе продолжи со засилен теренски активизам, организирање на собири и користење на социјалните мрежи за ширење на својата порака.
На парламентарните избори во 2024-та, постигнавме значителен успех со освојување на пратеничките места што овозможи партијата да стане главен критичар на власта и бранител на интересите на работниците и маргинализираните групи. Овој моментум, доколку се пренесе на локално ниво, може да значи дека Левица ќе се фокусира на општините каде што традиционално ужива силна поддршка, како што се Скопје, Велес и други урбани средини.
Локалните избори се одлична можност за Левица да ја потврди својата основна идеологија – борбата против корупцијата, клиентелизмот и неправдите на локално ниво. Позиционирањето на енергични кандидати со блискост до граѓаните во трката би можело да донесе нови победи за партијата. На изборите очекуваме влез во вториот круг во голем број урбани општини.
В.З.