Мојсовска Блажевски: За жал, во услови на исклучително сложена енергетска криза единствен спас е лесна и „топла“ зима, сé друго се планови и пресметки базирани на силни претпоставки

од Берта Китинска
954 прегледи

Според професорката Никица Мојсовска Блажевски нема едноставен, ниту пак од напред дефиниран одговор на дилемата како во наредниот период ќе успееме да се справиме со последиците од енергетската криза.

“Иронично кажано, единствен спас е лесна и „топла“ зима, сé друго се планови и пресметки базирани на силни претпоставки’’, вели Мојсовска Блажевски за „Локално“.

Она што според неа е единствено извесно е дека товарот на повисоките цени на енергијата ќе мора некој да го поднесе.Основното прашање е дали товарот главно ќе падне на владата или на компаниите.

“Мора да сфатиме дека товарот на крај ќе го поднесеме ние, денешните и иднитегенерации, индиректно, односно преку зголемени даноци.

Доколку владата ја субвенционира цената на енергијата денес, ќе се зголеми буџетскиот дефицит, ќе мора и да се задолжиме и да се зголемат јавните давачки (даноци) за да има одржливост на јавните финансии’’, објаснува Мојсовска.

Главниот проблем го детектира во задоцнета реакција. Категорична е дека можело многу повеќе да се направ и од март до септември 2022 година, наместо, како што вели, сега да сме „затекнати“ од ситуацијата.

Во услови кога цените секојдневно “дивеат’’, а стандардот на граѓаните драстично тоне, Мојсовска Блажевски ги наведува како пример мерките за поддршка на животниот стандард кои ги превземаат земјите на ЕУ.

“Такви примери се енергетски ваучери и субвенции (топлотни чекови) за посиромашни граѓани, намалување на ДДВ за електрична енергија,забрана за еднострани промени во енергетските договори, поддршка на производствона био-енергија, субвенции за земјоделско производство, зголемување на висина на социјална помош, и тн. верувам дека и нашата влада набрзо ќе предложи слични мерки’’, вели Мојсовска.

Во исчекување на зимата која е најавена како најтешка по Втората светска војна, се погласни се предупредувањата за последиците од енергетската криза.Како ги оценувате мерките што ги превзема нашата Влада, и генерално, колку е широк “маневарскиот простор’’на нашата држава во актуелниот светски контекст?

-Проблемот со енергијата е глобален, а за жал Македонија, како увозно-зависна земја, е директно погодена од случувањата на глобалните пазари на електрична енергија и гас. Ситуацијата е сложена и тешка бидејќи во моментов Европа се соочува со два паралелни предизвици: недостиг на енергија и високи берзански цени на енергија. Иронично кажано, единствен спас е лесна и „топла“ зима, сé друго се планови и пресметки базирани на силни претпоставки.

Владата прогласи кризна состојба и излезе со план за поголемо производство, како и за штедење. Покрај тоа, направи директни обиди за поддршка во снабдувањето со електрична енергија и гас, како и храна, од соседните земји, Бугарија и Србија. Владата (односно АД ЕСМ) се обврза да го зголеми производството на електрична енергија во 2022 за 25% во односна 2021, со што целосно би се покриле потребите за струја за домаќинствата и малите потрошувачи, без рестрикции во зимата и по поволна цена. Исто така, Владата се обврза да испорача доволно електрична и топлинска енергија на компаниите, по цени под берзанските. За сето ова, Владата најави план, во смисла на доволно увоз на јаглен, мазут, природен гас и дизел гориво кои се потребни за производство на електрична енергија, пуштање во употреба на вториот котел на резервната ТЕЦ Неготино, зголемено производство на хидроцентралите и многу важно користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје. Сепак, ова се планови, а и премиерот најави можности за ризици и можни хаварии, бидејќи добар дел од носечките електрани во Македонија се стари и до 40-50 години.Сега сите надежи се вперени кон постигнување на договор соБугарија за снабдување со 200 мегавати електрична енергија. Да се надеваме дека тој договор ќе биде постигнат и покрај неколку пречки.

Да се надеваме дека зимава (најавена како најтешка после Втората светска војна) ќе помине без големи проблеми (рестрикции), цени секако дека негативно ќе влијаат врз финансиите на владата, компаниите и, во помал обем, кај граѓаните.

Товарот на повисоките цени на енергијата мора да го поднесе некој, прашање е дали главно товарот ќе падне на владата или на компаниите.

Анкета на Стопанската Коморана Северозападна Македонија покажува дека трошоците за електрична енергија на производните капацитети се околу 25% од вкупните месечни трошоци, што е навистина голем износ. Состојбата е полесна за оние копани и кои имаат инсталирано енергетско ефикасна инфраструктура, но такви компании се сé уште малку. Инаку, мора да сфатиме дека товарот на крај ќе го поднесеме ние, денешните и идните генерации, индиректно, односно преку зголемени даноци. Доколку владата ја субвенционира цената на енергијата денес, ќе се зголеми буџетскиот дефицит, ќе мора и да се задолжиме и да се зголемат јавните давачки (даноци) за да има одржливост на јавните финансии. Во таа насока е и тековниот предлогна Министерството за финансии за даночни реформи и зголемување на даночното оптоварување (низ призма на даночна еднаквост).

Главниот проблем според мене е тоа што секогаш имаме задоцнета реакција. Зборувам за сите сегменти на општеството и економијата, но особено Владата. Можеше многу повеќе да се направи од март до септември 2022 година, наместо сега да сме „затекнати“ од ситуацијата. Верувам дека можевме да бидеме поспремни и побрзи и во инсталација на фотоволтаици.

Колкави според вас ќе бидат економските последици врз Европа, а особено врз Македонија откако Русија повторно ја заврти славината за гас и Европа ја остава без овојенергенс?

-Некои аналитичари дури велат дека за три месеци состојбите ќе бидат помрачни од сега.

Економските последици ќе бидат големи бидејќи се работи за комбинација на повеќе негативни фактори и исходи. Војната во Украина, прекините во глобалните синџири на снабдување, недостигот на електрична енергија, високите берзански цени на енергија и гас, итн. Води кон период на понизок економски раст и високи цени, феномен наречен стагфлација кој последен пат беше присутен во 1970-тите. Стагфлацијата е голем предизвик за носителите на економски политики бидејќи инструментите кои се користат за намалување на инфлацијата (на пример, зголемување на каматни стапки), уште повеќе негативно влијаат врз економскиот раст. Потребна е силна координацијана монетарна и фискална политика, и многу анализи и изборна вистински инструменти (мерки) за делување.

Според Светската Банка, глобалниот економски раст ќе се намали и ќе изнесува 2,9% во 2022 (од првично планираните 4,1%), при што растот на БДП по глава на жител ќе биде нула. Како „лек“ против сегашната ситуација, претседателот на Светска Банка, г. Малпас, побара од земјите да произведуваат повеќе струја и храна, и да нема извозни и увозни рестрикции. Но, тој исто така, најави дека ниските стапки на економски раст ќе би трело околу една декада.

Еден од последните чекори во насока на справување со проблемот со сé поскапата струја е Договорот со Бугарија. Дали оваа опција е вистинска и за нас единствена?

-Не сум експерт во областа на енергетиката и не би можела да кажам дали е тоа единствено и најдобро решение. Од изјавите на премиерот дознавме дека е разговарано и со Србија токму во насока на поддршка преку енергија и храна. За енергијата се разговара и со Грција. Инвестициите во енергетскиот сектор се големи и долгорочни, така што се надевам дека сега ќе направиме инвестиции во производство или енергетскоповрзување со соседните земји кои ќе бидат корисни во иднина. Како информиран граѓанин, најповолни опции за мене се поголема употреба на гас, како и производствона енергија од нуклеарни централи. Но, и на нивона ЕУ се уште се води дискусија дали нуклеарната енергија е зелена итн.

Дали овие количини електрична енергија ќе го спасат стопанството од постојаниот раст на цените, дали ќе го избегнеме сценариото на затворање производствени погони и откази?

-Сметам дека сега фокусот на политиките и политичарите е сепак ставен на обезбедување на доволни количини на енергија, така што цените се важни, но второстепени. И, кога зависите од увозна енергија и цените на берзите, немате голем простор за маневрирање. Цената мора да се плати. Како што споменав, прашањето е кој ќе го поднесе товарот или најголем дел од товарот.Граѓаните веројатно ќе бидат заштитени (ако се исполнат плановите за производствона АД ЕСМ). Бизнисите и сега трпат голем удар од високите цени на енергијата, но тоа може и понатаму да расте. Затоа тие бараат други мерки, како на пример, замрзнувањена цените, укинување на ДДВ за електрична енергија и тн., мерки кои се применуваат во соседните земји, но таквите мерки практично прават само префрлување на ценовниот товар од компаниите кон државниот буџет. Но и буџетот не е во добра „кондиција“, ова не е добар период глобално за позајмување, така што изборот ќе биде тежок и ќе има негативни последици врз компаниите, директно или индиректно. Сметам дека доста бизниси (повеќе од сегментот на микро и мали) нема да можат да ја презимат оваа зима.

Во исто време опозицијата најавува референдум за Договорот за пријателство со Бугарија. Колку нашите политичари во изминатиот 30 годишен период на независност успеаа да ги препознаат историските моменти и конструктивното делување?

-Одлично прашање, со тежок одговор. Очевиден е раст на незадоволството од ситуацијата во земјава, на економски, политички и демократски план. Како граѓани, ја исцрпивме сета позитивна енергија и уверување во процесите за започнување на преговори со ЕУ. И континуирано нечувствуваме дека ни е возвратено или дека се ценат нашите отстапки. И, сосема е очекувано опозицијата да сака да го искористи тој момент.

Лично сметам дека додека не успееме да имаме редовни изборни циклуси, и влади со мандат од 4 години, не може ништо да постигнеме. Реформи не се прават за 1 година и не се прават вистински и потребни реформи (кои речи си секогаш се болни на краток рок) кога сте на власт само една- две години.

Генерално, опозицијата ретко има слух за тешката ситуација. Иако имало и примери (и во поново време) на подадена рака, но нема доволно доверба за да се прифати подадената рака. Покрај тоа, ситуацијата денес е покомплицирана бидејќи работите се одвиваат на четири, а не два фронта: позиција/опозиција кај доминантно македонски политички партии и позиција/опозиција кај етнички албански политички партии.

Државите членкина ЕУ веќе направија анализи за ефектот на бранот покачувања врз стандардот на граѓаните.Кај нас, според последните податоци од Државниот завод за статистика, инфлацијата во август (на годишно ниво) достигна 16,8% што значително ќе влијае врз стандардот на граѓаните. Дали нашиот „праг на издржливост“ e на многу повисоко скалило од оној на граѓаните во земјите на ЕУ , секако ако ја имаме предвид премисата дека „сме протуркале“ и полошо?

-Верувам дека секој поединец и колектив очекува прогрес и напредок. Така што, прашањето не е дали сме протуркале или дали можеме да преживееме уште еден „шок“, туку дали има напредок. Покрај енергетската криза за која зборуваме, тука е и ценовниот шок и криза, односно нивоа на инфлација кои одамна не сме ги виделе. Во август, стапката на инфлација во Македонија достигна 16,8% на годишно ниво (кумулативно годинава, 11,6%), а цените на храната и пијалоците се зголемени за 25,1%. Инфлацијата е веќе глобален проблем, но ефектот од порастот на цените врз стандардот на граѓаните е различен во развиените и неразвиените земји. Имено, храната е значаен дел од потрошувачката кошничка (месечните трошоци) на едно семејство во Македонија (и во други земји во развој), додека пак е помал дел во развиените земји. Во Македонија, храната учествува со 40% во потрошувачката кошничка. Оттука, порастот на цените на храната во Македонија значително го намалува животниот стандард на граѓаните. Вовакви услов и нависок пораст на цените, сите имаме обврска да го поднесеме товарот, со промена на однесување и трошење, со преземање на дел од товарот. Дел од компаниите веќе направија нагорна ревизија на платите (некои применија каскадни модели, соповисок раст на пониските нивоа на плата), а се очекува и реакција од владата за поддршка на нај сиромашните граѓани.

Земјите на ЕУ веќе имплементираат или најавија одредени мерки за поддршка на животниот стандард. Такви примери се енергетски ваучери и субвенции (топлотни чекови) за посиромашни граѓани, намалување на ДДВ за електрична енергија, забрана за еднострани промени во енергетските договори, поддршка на производство на био-енергија, субвенции за земјоделско производство, зголемување на висина на социјална помош, и тн. Верувам дека и нашата владана брзо ќе предложи слични мерки.

Европската централна банка во четвртокот значително ја зголеми каматната стапка во обид да ја контролира инфлацијата. Дали и каков ефект ќе има тоа заМакедонија? Дали се можни поголеми обврски врз грбот на економијата?

-Минатата недела ЕЦБ ја зголеми каматната стапка за 75 базични поени, што е досега најголем единечен пораст на стапките. Притоа, ЕЦБ најави дека ќе следи и натамошно зголемување на стапките. Со тоа ЕЦБ се „приклучи“ на политиката на Федералните резервина САД каде беа извршени две големи зголемувања на стапките од 0,75 поени во јуни и јули. Затегнувањето на монетарната политика ќе влијае врз потрошувачката и инвестициите, и ќе го забави економскиот раст. За нас е поважна политиката која ја води Народната Банка, но секако дека и овие движења индиректно влијаат врз македонската економија.

Позајмувањето на меѓународните финансиски пазари ќе стане поскапо, со што ќе се зголемат трошоците за евентуално позајмување на државата за покривање на буџетскиот дефицит. Забавувањето на растот во ЕУ ќе влијае врз нашата економија, бидејќи ЕУ е нашиот најголем трговски партнер. Накусо, би повторила дека ова ќе биде тежок период и за граѓаните, компаниите и за државата и дека проблемот е мулти-димензионален.

Неодамнешната прославувана 31 година независност одново го наметна прашањето за тоа што можевме, а што направивме.Каде се според Вас најголемите слабости ( економија, разединетост, иселување…) а на што можеме да се гордееме?

-Токму така, одбележувањето на годишнината од осамостојувањето нé поттикнува сите да размислуваме што направивме, каде стигнавме, па дури и некои одат дотаму да се прашуваат дали сме „кадарни“ да имаме и да водиме сопствена држава. Ќе почнам од позитивното. Изградивме самостојна држава, воспоставивме институции, имаме настани и „победи“ со кои може да се гордееме (најчесто поврзано со спортот и индивидуални таленти). Основани беа и пораснаа многу бизниси, иако не толку колку што би сакале. Да, треба да имаме и заслужуваме држава.

Кои се слабостите? Би наброила многу, но ќе се задржам на макро ниво. Во овој 31-годишен период ја заборавивме визијата за земјата која ја имавме кога станавме независни, и заради тоа се движиме по цик-цак патека. Тоа значи дека одиме многу долго, а не сме поблиску до целта. Целта ја разбирам како развиена земја, совисок животен стандард и квалитет на живот. Не вложувавме таму каде што требаше за да станеме посилна земја и нација: талент, дипломатија, силни институции, лидерство и силно национално чувство. Личните интереси станаа доминантни, пред националните интереси. Тоа доведе до голема разединетост, главно заради желба секој да „приграби“ што е можно повеќе од колективното (она од што избегавме во социјализмот). Ретки се оние (особено меѓуполитичката елита) кои сакаат да создадат вредност, да создадат нешто.

Ќе дојдеме во ситуација во која нема да има повеќе што да се „дели“. Доминацијата на идејата за поделба на државните ресурси ја засили и меѓу-етничката поделба. Наместо да ги искористиме придобивките на плурализмот, ние само што дадовме повеќе политички партии кои се борат за своите интереси, наместо за доброто на државата и граѓаните.

Отсуството на лидерство и силна дипломатија нé направи „наивни“ и лоши преговарачи во меѓународните односи, оттука дојдовме до оваа ситуација на промена на име, на нови барања од соседите итн. И, корупцијата. Најголемракнаедноопштество. Се рашири, ја има секаде и на сите нивоа, и, најзагрижувачко е што, според одредени мерења и анализи, таа е прифатлива за граѓаните и компаниите сé додека на тој начин успеваат да завршат некои свои работи или да добијат услуги од државата кои им следуваат.Македонија е прекрасна земја, со прекрасни луѓе, само треба малку повеќе да ја сакаме и цениме.

К.В.С.

Слични содржини