Молдавија го отфрла тврдењето на сепаратистите за напад со беспилотно летало како провокација

од Симе Стоиков

Во Кишињев, владиниот портпарол Даниел Вода изјави за новинарите дека „властите во Кишињев, во контакт со украинската страна, не потврдуваат никаков напад врз регионот на Придњестровје“.

Молдавската влада ги отфрли тврдењата на руските и придњестровските медиуми дека нападот со дрон на 17 март уништил воен хеликоптер на земја во отцепениот регион.

Новинските портали и каналите „Телеграм“ поврзани со сепаратистите објавија фотографии и видеа од наводните остатоци од хеликоптер и го цитираа самонареченото Министерство за државна безбедност на Придњестровје дека хеликоптерот бил погоден од беспилотно летало камиказа.

„Инцидентот е обид да се предизвика страв и паника во регионот. Хеликоптерот не е оперативен веќе неколку години“, се вели во соопштението на владиното биро за реинтеграција на Молдавија од каде се додава:

„По прегледување на видеата и размена на информации, соопштуваме дека станува збор за обид да се предизвика страв и паника во регионот“.

Инцидентот, пријавен околу 16 часот и 30 минути, се случил на денот кога жителите на регионот на Придњестровје гласале на руските претседателски избори, во шест избирачки места што Русија ги отворила на левиот брег на Днестар, и покрај противењето на владата во Кишињев.

Слични содржини