МОН го демантира ВМРО-ДПМНЕ: Креираме квалитетни дигитални учебници, учениците интензивно ги користат и постигнуваат подобри резултати

од Nikola Popovski

Министерството за образование и наука најостро ги демантира шпекулациите, неточностите и наводите изнесени од страна на ВМРО ДПМНЕ во однос на електронските учебници на нивната прес конференција. Според нив, интерактивните дигитални учебници се составен дел од Концепцијата за основно образование и програмата за основно образование, поддржана од Владата и од меѓународните организации, кои што и активно го имаат подржано процесот.

-МОН во изминатите 2 години реновираше 100-тина основни училишта, истите ги опреми со ИКТ опрема и интернет поврзливост во секоја училница и за првпат во државата ги дигитализираше учебниците за 4, 5 и 6 одделение на сите наставни јазици. 58,000 ученици, како и нивните родители, секојдневно не само што ги користат истите активно, туку постигнуваат подобри резултати токму поради практичноста и квалитетот на истите.

Разбирливо е ВМРО-ДПМНЕ да реагира на такви резултати, бидејќи нивна цел е да нема резултати од страна на МОН, а тие да се јават како спасители на образованието. Јавноста е сведок како во минатото беа фрлени десетици милиони евра за преводи на книги од светски автори кои што никој не ги чита и ден денес фаќаат прашина во подрумите на многу институции. Јавноста е сведок на Кембриџ програмата, која што остави трајни негативни последици по младите генерации – експеримент кој никогаш не смееше да се случи, велат од ресорот образование.

Додаваат дека изработката на интерактивни дигитални учебници ќе продолжи во следните 3 години до целосно спроведување на реформата во основното образование и тоа нема врска со дневна политика, туку е стратешка определба и е дел од системски процес, кој што не треба да се стави под ризик од ниедна одговорна власт.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева денеска порача дека молкот на МОН за скандалозните јавни набавки за дигитални учебници по странски јазици само го потврдува тоа што го зборуваме – „поништуваат јавна набавка со банално образложение, а предвидуваат нова набавка вредна милиони“.

-Повторно прашуваме и ја потсетуваме јавноста прво за онаа набавка од 500.000 евра на фирмата ТРИМАКС за дигитални учебници кои никој не ги користеше, па се поставува прашањето дали сега повторно, на истата фирма и се доделени фантастични 800.000 евра. Дополнително е скандалозно што со новата набавка повторно на истата фирма и се доделуваат средства за дигитални учебници, и тоа повторно за 4 одделение, кои веќе беа опфатени со претходната набавка, рече Митева на прес-конференција.

Слични содржини