Министерството за образование и наука реагираше на прес – конференцијата на претставничката на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ Весна Кусакатска и потсетува дека, како што и беше најавено, од следната учебна година ќе се примени комбиниран начин на учење кој подразбира употреба и на печатени и на дигитални учебници.
„Имено, за учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос кон на детето кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ технологија и електронски алатки. Но доколку по нивна волја, учениците се изјаснат дека сакаат наставата да ја следат од печатен учебник, тоа ќе биде овозможено. Додека лектирите и понатаму ќе бидат достапни само во печатена форма“, велат од МОН.
Од МОН, додаваат од таму, во ниту еден случај нема да дозволи било кој ученик да остане без учебник независно дали е тоа електронски или печатен.
„Образованието е загарантирано право на секој ученик и ние тоа го обезбедуваме и го надградуваме. Дискриминацијата е појава во образованието за која се зборуваше во минатото, а сега веќе целосно се елиминира. Актуелната влада и Министерството за образование и наука интензивно работат на инклузивноста во образованието. Во таа насока, за првпат во учебната 2021/2022 година сите учебници ќе бидат достапни во аудио формат и на Брајово писмо за потребите на учениците со оштетен вид. Преку новиот Закон за учебници ги бришеме нелогичностите во содржините за кои, за жал во некои други времиња немаше реакции и со децении беа уништувани генерации на ученици“, пишува во реакцијата.
Новиот Закон за учебници, додаваат од таму, има строго утврдени правила по кои ќе се одобруваат и печатат книгите.
По однос на изнесувањата дека 10 проценти од учениците не се вклучени во наставата, МОН вели дека се работи за апсолутна невистина, бидејќи преку хибридниот модел на настава (со физичко присуство, онлајн настава, достава на печатени материјали и едукативни емисии на МТВ) правото на образование никому не е скратено.