МОН: Основци и средношколци ќе добијат по 1200 и 1800 денари во наредните шест месеци

од Nikola Popovski
366 прегледи

Над 120 илјади ученици и студенти ќе добиваат месечен паричен надоместок до крајот на тековната учебна, односно академска година како поддршка за нив и нивните семејства, во услови на зголемени трошоци за живот и продолжени ефекти од енергетската криза. Ова е предвидено во новиот деветти по ред пакет со антикризни мерки на Владата, насочен кон младите, ранливите категории на граѓани и приватниот сектор, информираат од Министерството за образование и наука.

Околу 105 илјади ученици од основните и средните училишта кои потекнуваат од семејства со ниски месечни примања до 50 илјади денари, секој месец во наредните шест, ќе добиваат финансиски надоместок во износ од 1200, односно 1800 денари.

Додека, над 15 илјади студенти кои студираат надвор од нивното место на живеење, во следните 7 месеци, додека трае академската година, ќе добиваат ваучери за превоз, односно надоместок во износ од 600 до 1200 денари во зависност од пресметаните трошоци за превозот.

-За начинот на кој учениците и студентите ќе можат да аплицираат, за критериумите, условите и роковите за искористување на овие мерки, Владата и Министерството за образование и наука ќе објават подетални информации во следните неколку денови, истакнуваат од МОН.

Деветтиот пакет со 26 антикризни мерки за поддршка на граѓаните е во вкупна вредност од 662 милиони евра и истиот беше презентиран вчера.

Слични содржини