МОН: Разумно е да продолжи наставата и да се интензивираат преговорите

од Nikola Popovski
181 прегледи

Министерстевото за образование и наука ја поздравува иницијативата од Советот на СОНК за интензивирање на преговорите за зголемувањето на платите на наставниците но не и одлуката да се продолжи со штрајк.

Министерството смета дека секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ги надомести.

„Неодговорно е да се инсистира на продолжување со прекинот на наставата, во услови кога на наставниците им е понудено решение за раст на платите. Разумно е штрајкот да се стави во мирување, а синдикатот да продолжи со преговорите, се до постигнувањето на решение прифатливо за сите страни. Во спротивно, СОНК ќе биде единствениот одговорен за непоправлива загуба на учениците и на родителите“, велат од МОН.

Министерството ги повика наставниците да почнат повторно да делуваат во најдобар интерес на децата и да се вратат на настава. Потенцираат дека зголемување на платите во образование ќе има, како што имаше и во изминатите 5 години.

„Понудено е зголемување за 10 % кои ќе се обезбедат со ребалансот на Буџетот. Тоа значи повисоки плати на наставниците за 2.500 денари месечно. Понудивме и методологија со која ќе обезбедиме континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образование“, велат од МОН.

Претходно, низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците од 21 осто. Со ова зголемување, велат од МОН, платата на наставник/чка во основно образование е порасната за над 3.200 денари плус минат труд и сега е најмалку 24.786. На наставник/чка во средно образование зголемувањето е над 4.300 денари плус минат труд и просечно платата е 25.874.

Наставници, ставете го интересот на децата пред својот личен интерес. Местото на учениците е во училиште. Правото на образование на секое дете е уставно загрантирано право“, апелираат од Министерството.

Слични содржини